Германскиот министер за надворешни работи од редовите на социјалдемократите Франк-Валтер Штајнмајер е кандидат на владејачката коалиција за претседател на Германија. Се работи за политичар со големо искуство, пред се во дипломатијата, а спаѓа во најомилените германски политичари. 
Штајнмајер е заеднички кандидат на неговите социјалдемократи и христијанските сестрински партии ЦДУ и ЦСУ.
Така Христијанско демократската унија (ЦДУ) на Ангела Меркел по долго премислување го поддржа овој социјалдемократски политичар, кој со години е еден од најважните германски функционери.
Штајнмајер е шеф на дипломатијата во големата коалиција и лице на германската дипломатија. Притоа таа функција е само една во низата на кои се наоѓал во последните 20 години. Бил министер во Кабинетот на канцеларот, шеф на пратеничкиот клуб, министер за надворешни работи и кандидат за канцелар.
Штајнмајер има се што е потребно за претседателската функција. Ужива голем углед, има дипломатско искуство, го ценат во странство, решавал многу кризи.
Анкетите покажуваат и дека граѓаните му се наклонети.
Тој веќе со години е еден од најомилените германски политичари. Во последната анкета на јавниот сервис АРД, 72 отсто испитани граѓани биле задоволни од неговата работа.
Таа омиленост секако е една од важните причини поради кои по повеќенеделното премислување на крај изборот падна на него. Втората причина е што конзервативците се исплашија СПД да не кандидира свој или некој друг кандидат во договор со Зелените и Левицата.
Многу набљудувачи веќе долго зборуваат дека Штајнмајер, син на еден столар од Северна Рајна Вестфалија, е заинтересиран за претседателската фотелја.
Тој на своите чести патувања во кои прелетува околу 400.000 километри годишно, се однесува претседателски и секогаш се залага за договор, посебно кога станува збор за судирот во Украина.
Штајнмајер тогаш помогна да се смират судирите, а во тоа важна улога имаше неговиот одбран речник. Но, чудно е што по изборот на Доналд Трамп за претседател на САД рече дека тој е „проповедник на омразата” – тоа не оди за дипломат на кој критичарите му забележуваат дека е бирократски воздржан.
Кариерата ја почна со канцеларот Герхард Шредер во СПД, чиј кабинет го водеше уште додека тој беше премиер на сојузната покраина Долна Саксонија.
Откако СПД во 1998 година формира Влада, Штајнмајер стана државен секретар и подоцна министер во Кабинетот на канцеларот. Така стигна во политичкиот центар на настаните. Во 2005 година станал министер за надворешни работи во големата коалиција со канцеларката Ангела Меркел.
Штајнмајер беше вицеканцелар, а на изборите во 2009 година и кандидат на СПД за канцелар. СПД изгуби на тие избори, што многумина тогаш го објаснуваа со оттуѓеноста на Штајнмајер од граѓаните.
Во времето на новото издание на големата коалиција, Штајнмајер се врати на политичката сцена како министер за надворешни работи. Покрај Ханс-Дитрих Геншер од ФДП, тој така станал една од најважните фигури на германската надворешна политика во изминатите децении.
Роден е на 5 јануари во 1956 година во Детмолд во Северна Рајна Вестфалија, а сопругата му е судијата на Управниот суд, Елке Биденбендер со која има ќерка.
Штајнмајер како човек достигна во фокусот на јавноста во 2010 година, кога направи пауза во политичките активности како донатор на бубрег на својата тешко болна сопруга. Тоа му донесе голем респек и признание од народот.
Дури и Христијанско социјалната унија (ЦСУ) за него наоѓа пофални зборови.
Заменичката на баварскиот премиер Илзе Ајгнер, го нарече Штајнмајер „добар кандидат”.
Лидерот на ЦСУ во Европскиот парламент Манфред Вибер рече дека од Штајнмајер очекува континуитет.
– Токму во сегашната состојба на Германија и треба силно водство, порача Вебер.
Пораката овие денови е дека Штајнмајер треба да делува како фактор за стабилност наспроти силите на нестабилност и нереди.
Тоа е порака која ја прати и канцеларката лично.
Ангела Меркел одлуката за кандидирање на Штајнмајер за претседател ја нарече „одлука на разумот”.
Веројатно е дека мнозинството Германци ќе ја поддржат неговата кандидатура, а нема сомнеж дека ќе биде избран од Генералното собрание
Дојче Веле – Берлин