Мери Младеновска,, е познато ТВ лице во Македонија, а воедно е и уметник. Автор е на емисјата “Лица и дела” која се емитува на ТВ Сонце. По професија е магистер по македонски јазик и литература. Живее во Скопје.
За неа значајно е тоа што таа е од малкуте жени кои се наоѓаат на изборните листи на партиите. Таа е кандидат за пратеник од коалицијата ВМРО за Македонија во втората Изборна единица.

Интересни се нејзините мотиви за влез во политиката. Увидела дека досега никој и за ништо не се грижи во државава, а најмалку за уметниците. Поради тоа решила покрај толку мажи, самата да се бори за подобра иднина на уметничката фела. Локално.мк разговараше со неа.
Г-ѓо Младеновска, најпрво во благодарам за ова интервју. Што ја натера една дама да влезе во изборната трка?
Во животот е важно да знаеме каде припаѓаме, што ни е во срцето и дали средината во која живееме и делуваме ја препознава и ја почитува нашата определба, затоа што кога нешто сакаме искрено од сета душа, истапуваме одважно и без страв, тоа силно зрачи и засенува сè што е лажно, вештачко и присилено. Само на таков начин, секој поединечно, можеме да оставиме белег во општеството, да го унапредиме и за возврат да очекуваме убави резултати од вложениот труд и напор.
Оваа слика на нашата држава што ја гледаме денес и години наназад, она со што сме приморани да живееме е резултат на нечија крајна негрижа, незнаење, безочност, безобзирна заслепеност од користољубието и личните материјални придобивки, негрижа на луѓе исти како сите, но со единствена предност пред другите – добиената доверба на народот која постојано ја изигруваат, а за возврат никогаш не ја испочитуваа суштината на живеењето во вистинската смисла на зборот. Сите знаеме дека за убав живот не е доволно само материјалното, она што се троши и што е минливо, доколку не сме водени од вистинските и битни човечки вредности: хуманоста, емпатијата, почитта, достоинството и љубовта пред сè.
Се чувствувате ли силно за да им се спротиставите на толку мажи во политиката? Ќе можете ли малада интелектуалка да го поразите “балканизмот” во однос еднаквоста на жените во Македонија?
Нам не ни треба никој да ни кажува што е најдобро за нас, за нашите најблиски, за нашите деца, за нашите родители… нам ни треба простор да се изразиме и да се искажеме без страв од реванш, да дадеме искрена критика, да го бараме потребното, да добиеме сè што ни треба без подоцна да мораме да се раздолжуваме на ваков или онаков начин, на овој или оној што е на позиција! Доста ни е на сите од владеењето на стравот затоа што тоа е обратно на нашата природа, затоа што сме разумни, затоа што сите сме еднакви! Никој нема право врз никого, никој не поседува туѓ живот и нема право да го креира и да го контролира преку уцени и закани. Живееме во современо општество со неограничени можности и сите имаме подеднакво право врз тоа сопствените животи да ги развиваме во правец по наш избор и според нашите потреби и желби. Треба да живееме во земја во која сите ќе се чувствуваме сигурно, пријатно и удобно, ќе се радуваме на животот и ќе градиме поубава иднина. Треба конечно да изградиме земја во која сите групи и категории на граѓани ќе бидат третирани со исто внимание, земја во која децата ќе учат од убави животни примери и ќе се стремат да создадат уште поубава иднина изградена врз убавото наследство на претходните генерации. Младите луѓе треба да создаваат таму од каде што потекнуваат и таму каде што припаѓаат, меѓу своите, затоа што тоа е изворот на животот и таму ефектот е најсилен. Оваа држава треба да стои врз цврсти темели и уште поцврсти столбови, да расте и да се развива со силата на младиот и напреден ум и да живее во духот на совремието.
Споменавте дека сите треба да се чувствуваат удобно во матичната земја! Како до поубава иднина изградена врз убавото наследство на претходните генерации?
Доста ни е од негативни примери, од лажни ветувања, од деградирање и исмејување на немоќниот и незаштитениот, доста ни е од лаги кои секојдневно ни ги фрлаат в лице без трошка срам и страв од казна; доста ни е од човечки жртви на сите полиња на животот и во секакви облици; доста губевме сè што ни припаѓа, а за возврат добивавме празнина, неизвесност и меланхолија!
Конечно дојде времето отворено да проговориме за вистинските и изворните вредности, за враќање на демократијата и достоинството, да се избориме со сите кои се претставуваа лажно и сè уште го прават тоа, конечно дојде времето да ја истераме вистината на чистина!
Коалицијата ВМРО за МАКЕДОНИЈА цврсто стои зад ветеното и силно се залага за враќањето на животот на вистинскиот пат, за издигнување на Македонија во напредна, европска држава со вистински вредности и силна суштина; задржување на младоста и интелектот во државата што ќе обезбеди сигурен и сериозен напредок; за владеење на правото и правниот систем кој ќе ги елиминира „традиционалните“ појави на произволност и неселективно делење на правдата; економски слободи за сите кои се способни и имаат напредна иницијатива за издигнување на Македонија на економски план и создавање на општествен амбиент во кој нема да постои сиромаштија, како што е случај денес и во вакви поразителни размери; заработувачката треба да достигне завидно ниво, со оглед на тоа што личната добивка ќе води и до соодветни подобрувања за другите, за општеството; почит кон бранителите и нивните семејства со оглед на тоа што во изминатиот период истите беа изложени на притисоци од страна на државата, безочно и без обзир кон тешкиот товар што овие луѓе го понеле во минатото и огромните загуби на семејствата кои за жал засекогаш останале без своите најблиски; загарантирана слобода на изразување, особено на медиумите, слобода на говорот која денес е сведена на минимум, како би се обезбедиле транспарентни и реални информации кои ќе одат во прилог на барањата и очекувањата на аудиториумот; сигурна и мирна иднина за пензионерите и старите лица кои заслужиле спокојна старост без страв од загуба на она што го стекнувале цел живот; почит кон традицијата и подигање на културните вредности на завидно ниво, земајќи ги предвид сите оние кои придонесуваат за спојувањето на убавото со корисното, од занаетчии до графички дизајнери; донесување закон за водење работен стаж и сигурни пензии за естрадните уметници, како и основање на државна агенција којашто ќе функционира во рамките на Министерството за култура, а ќе се грижи за ангажманите и активностите на домашните естрадни уметници… Но пред сè, најважно е да се биде ЧОВЕК, а останатото доаѓа според заслугите и посветеноста, и додека стоиме наспроти вас, на неколку дена од 11 декември, важно е да се каже дека во животот имаме прилики да стекнуваме искуства кои ни помагаат да се остваруваме и да се идентификуваме, но секој по сопствен избор.
Филип Ѓурчиновски