На денешен ден 9 декември
1594.- Роден е шведскиот крал Густав Втори Адолф, голем војсководец и воен реформатор. Неговата армија во Триесетгодишната војна им нанесе многу порази на римокатоличките сили на германскиот цар Фердинанд Втори Хабзбург. Во војната против Русија ја постави границата на Ладошко Езеро, а полската армија ја победи во 1613, 1617 и во 1629 година со што и овозможи доминација на Шведска на Балтикот. Загина во ноември 1632 година во битката кај Лицен, во која неговата војска ја победи армијата на германскиот генерал Алберт фон Валенштајн.
1608.- Во Лондон е роден Џон Милтон, англиски поет, еден од најзначајните поети во светската литература, а според некои, најголем по Шекспир. Негови познати дела се “Загубениот рај”, “Вратениот рај”, “Химна на Христовото раѓање” и други. Умрел во Лондон, на 8 ноември 1674 година.
1638.- Во Дубровник умре Иван Гундулиќ, хрватски поет и драмски писател, патриот и поборник на ослободителните стремежи на словенските народи. Негови најпознати дела се еповите „Солзите на блудниот син“, и „Осман“ и драмата „Дубравка“. Роден е во Дубровник, на 8 јануари 1589 година.
1641.- Умре фламанскиот сликар Антон Ван Дајк, истакнат претставник на фламанската сликарска школа, врз кого силно влијаеше Паул Рубенс, во чие атеље во младоста работеше. Творел во Италија и Франција, а во Лондон дошол во 1632 година и станал дворски сликар на кралот Чарлс Први и портретист на високото англиско општество.
1824.- Легендарниот латинско-американски водач Симон Боливар во историската битка кај Ајакучо, во Перу ја порази шпанската војска.
1905.- Во Франција со декрет е извршено одвојувањето на државата и црквата.
1910.- Во Виена умре Лаза Костиќ, српски писател и преведувач, родоначалник на српската авангардна лирика. Освен лирски песни и балади, пишуваше поетски трагедии (“Максим Црноевиќ”, “Пера Сегединац”), раскази и есеи. Роден е во Ковиљ, Бачка на 31 јануари 1841 година.
1916.- Роден е американскиот филмски актер од руско потекло Ишур Данијелович, познат како Кирк Даглас, кој се прослави во улогите на нервозни, амбициозни и груби типови. Филмови: „Момчето со трубата“, „Спартак“, „Шампион“, „Градот на илузиите“, „Жед за животот“, „Детективска приказна“.
1926.- Роден е шпанскиот борец со бикови Луис Мигел Лукас „Домингин“, веројатно најдобриот светски борец со бикови во 20. век. Неговите вештини го инспирираа американскиот писател Ернест Хемингвеј.
1929.- Роден е американскиот филмски режисер и актер Џон Касаветес, водечки претставник на „њујоршката школа“, независна продукција, која критички се спротивстави на холивудските стандарди. Филмови: „Злосторство на улиците“, „Убијци“, „Дванаесетмината жигосани“, „Зошто ме осудивте на живот“, „Сенки“, „Премногу доцни блузот“, „Лица“, „Мини и Москович“, „Жена под влијание“, „Глорија“.
1943.– Кај селото Бараково, Горноџумајско, во борбата против полициска заседа загина македонскиот револуционер, Никола Парапунов. Роден е во Разлог, на 1 јули 1909 година.
1961.– Тангањика, бившата британска колонија, стана независна држава во рамките на Комонвелтот, а од 9 декември 1962 година стана Република. Две години подоцна, на 26 април 1964 година со обединувањето на Тангањика и на Занзибар настана Обединета Република Танзанија.
1970.- Умре Артјом Иванович Микојан, руски конструктор на авиони и академик. Заедно со Михаил Гуревич конструираа повеќе типови на борбени авиони, познатите „миг“. Роден е во 1905 година.
1985.- Генералното собрание на Обединетите нации едногласно ја прифати резолуцијата со која сите акти на тероризам се осудени како криминал.
1990.- Во Полска на првите слободни избори за претседател беше избран Лех Валенса, поранешниот водач на синдикатот „Солидарност“.
1994.- Партијата „Шин фејн“, политичко крило на терористичката Ирска републиканска армија, првпат по повеќе од 70 години ги почна мировните разговори со британската влада.
1995.- Врховниот суд на Полска ја потврди победата на Александар Квашњевски на ноемвриските претседателски избори, одбивајќи ја жалбата на приврзаниците на неговиот поразен ривал Лех Валенса.
1996.- Обединетите нации ја одобрија примената на долго одложуваниот договор за Ирак за продажба на ограничени количини на нафта за храна, со што Ирак се врати на светскиот пазар на нафта првпат од инвазијата на Кувајт во 1990 година.
1997.- Во Брисел, генералните директори на царинските служби на Белгија и Македонија, Илија Илоски и Ван Валегем, парафираа Спогодба за царинска соработка.
2001.- На 71 година во градот Бризбејн, Австралија, почина македонскиот диригент Ванчо Чавдарски. Тој беше и директор на Македонската филхармонија и многу придонесе за растежот на тој ансамбл, за основањето на Камерниот оркестар на таа институција, како и за афирмација на македонското музичко творештво. Работеше и како шеф-диригент на Симфонискиот оркестар на Радиотелевизија Белград. Во последните години од животот, Чавдарски работеше во Јужна Кореја како диригент и универзитетски професор.
2005.- Еден од главните симболи и атракции на Лондон – црвениот двокатен автобус „рутмастер“, со стоечка платформа и кондуктер, попознат како „dabldeker“, тргна од станицата „Marbl Arcc“ на своето последно возење на редовната линија број 159 и стана минато.
2006.- Во пожар во диспанзер за одвикнување од наркоманија во јужниот дел на Москва загинаа 43 пациентки и две медицински сестри. По бројот на жртвите овој е најтрагичниот пожар во главниот град на Русија во текот на претходните три децении. Пожарите, заедно со сообраќајните несреќи, се на прво место во Русија како причина за загинување. Спасувачките екипи успеале од осумкатницата да евакуираат 214 луѓе./МИА