Во Германија беа идентификувани жртвите на крвавиот Божиќ.
Тие загинаа во понеделникот при терористичкиот напад на божиќниот базар во Берлин. Тогаш камион удри во тезгите меѓу луѓето, уби 12 и рани 45 лица.
Жртвите се шест жени и шест мажи, соопшти онлајн изданието на германскиот “Шпигел”.

Осум од загинатите се Германци, а четворица се странци – од Чешка, Италија, Израел и Полска. Полјакот е убиениот од терористот возач на камион. Жртвата од Италија е 31-годишната Фабриција ди Лоренцо.
Меѓу 45-та повредени во терористичкиот акт има граѓани на Израел, Шпанија, Велика Британија, Унгарија, Финска и Либан. 14 од нив се уште се во критична состојба.
Во моментов истрагата на нападот се концентрира на откривање на евентуална мрежа, која му помогнала на Анис Амри при терористичкиот акт и при бегството .
Осомничениот за нападот во Берлин -Тунижанец беше застрелан вчера рано наутро од полицијата во Милано при рутинска проверка.
“Во моментов најважна е задачата да утврдиме дали сторителот дејствувал сам или му помагале при организацијата на нападот”, изјави главниот обвинител Петер Франк.
Се уште нема целосна јасност околу тоа како Амри успеал да се придвижи од Германија до Италија. Се претпоставува дека патувал со воз низ три европски држави.