Мачу Пикчу – едно од чудата на светот

од Vladimir Zorba
734 прегледи

Го нарекуваат најстарата индијанска населба во срцето на Андите. Убава, величествена, дестинација од соништата за многу туристи. Мачу Пикчу – едно магично место во кое додека се шетате, гледате пред себе историја од пред многу векови. Што не знаеме за него?
Таа се наоѓа во источниот дел на перуанските Анди или таму каде што реката Урубамба се влева во базенот на Амазон. Изградена е во 15 век од Инките во чест на нивниот владетел Пачакути.

Мачу Пикчу е еден од најважните историски латиноамерикански објекти и зафаќа површина од 32,500 хектари. Целиот историски комплекс, кој вклучува палати и храмови се наоѓа на 2 430 метри надморска височина.

Генерално климата во текот на денот е топла и влажна, а ноќе е ладно. Температурите се движат помеѓу 11 и 27 степени Целзиусови. Во периодот ноември и март има повеќе дождови.

Мачу Пикчу е едно од новите седум чуда на светот.

Градот е изграден со таканаречената техника “делкан камен.” Камењата се оформени така што си одговараат без да се додава малтер. Забележливо е дека дури и игла тешко би можела да помине помеѓу два камена.

На јазикот на Индијанците кечуа, “Мачу Пикчу” значи “стариот врв” или “стара планина”.

Многу од камењата кои се користат за изградба на овој антички град, тежат повеќе од 50 тони.

Цитаделата на Мачу Пикчу се смета за главна туристичка атракција во Перу и една од најпосетените во светот. Мачу Пикчу е исто така познат како изгубениот град на Инките. Градот се уште крие многу мистерии.

Овој историски споменик е под сериозна закана не само поради илјадниците туристи кои го посетуваат, но и поради климатските промени, како и поради природните катастрофи како земјотреси.

Во 1911 година Американецот Хирам Бингам го прави едно од најважните откритија во историјата, откривајќи го стариот град кој го вика Мачу Пикчу.

Следни експедиции на научници докажуваат дека ова место било изградено и населено од Инките.

Според некои пресметки во таа висока населба живееле најмалку 10 000 луѓе.

Археолошки истражувања покажуваат дека луѓето таму се занимавале со земјоделство уште од 760 година пр.н.е.

Во 1983 година Мачу Пикчу е прогласен од УНЕСКО за светско културно наследство.