Ахмети: Во игра се четири опции или нови избори!

од Vladimir Zorba
119 прегледи

За ДУИ се отворени четири опции: коалиција со ВМРО-ДПМНЕ, коалиција со СДСМ, техничка влада како до 11-декември и преоѓање на ДУИ во опозиција. Ахмети не исклучува ни неопходност од нови избори, информира DW.

Во игра се четири опции, изјави синоќа лидерот на ДУИ, Али Ахмети во емисијата „Клик плус“ на ТВ 21. И покрај огромната упорност и умешност на водителот во поставувањето на сите клучни прашања, Ахмети одбегна да даде конкретни одговори.
„Пред да почнат преговори со ВМРО-ДПМНЕ, треба да биде завршена анализата за тоа во каков правец ќе оди ДУИ и какви позиции ќе има: дали ДУИ ќе влезе во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ, дали со СДСМ, дали ќе излезе со понуда за техничка, таканаречена проширена влада како што имавме до 11 декември 2016, или пак можеби ДУИ ќе донесе одлука да биде во опозиција. Сите овие опции се отворени“, изјави Ахмети.
Тој не сакаше да ги коментира предизборните реторики на двете најголеми македонски партии – ниту националистичката реторика на ВМРО-ДПМНЕ ниту граѓанската на СДСМ, за која изрази доза на сомневање бидејќи не ја видел во конкретна програма.
„Јас верувам во акти кои ги гледам на лист. Народот вели – зборовите ги носи ветерот“, рече Ахмети.
На забелешката дека ја релативизира реториката на досегашниот партнер, Ахмети се огради со став дека нема да биде адвокат ни на едната, ни на другата партија.
„Не верувам во тоа што е кажано само за дневно политички поени. Јас добро ги познавам и двете страни, и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Тие воопшто не се разликуваа кога стануваше збор за третирање и унапредување на албанските прашања. Ние не бараме ни повеќе ни помалку од она што е предвидено со Охридскиот договор, кој наложува употреба на албанскиот јазик, а овој договор се одразува врз Уставот на РМ“, рече Ахмети.

На директно прашање дали ќе направи колалиција со ВМРО-ДПМНЕ, лидерот на ДУИ одговори дека тоа е прашање за кое треба добро да се размисли и да се анализира.
„Работите треба да се гледаат рационално, а не еуфорично и со фолклоризам. Не се наоѓаме во поволни околности како во земјата, во регионот, така и во пошироките политики“, рече тој.
Последици од кршење на Мајскиот договор
Во целото интервју, Ахмети одбегнуваше директни одговори, одговарајќи неодредено, со посредни компарации на состојбите од блиското минато.
„Сметам дека треба да сме поразумни и порационални, бидејќи блиското минато покажа дека со распалување, со кампањи на една заедница против друга заедница, и политички претставници на една заедница кои го зголемуваат нивното политичко влијание со националистички фрази, носат последици“, оцени лидерот на ДУИ.
Притоа избегна да ги коментира пораките во последното интервју на Груевски за „Дневник“, во кое тој предупреди дека ако ДУИ отиде во коалиција со втората, наместо со првата партија, тоа ќе значи воспоставување на нова практика во Македонија, на која ВМРО-ДПМНЕ ќе се приспособи не само сега, туку и во иднина.
„Не можам да го дефинирам интервјуто… Иако не е добро“, кусо одговори Ахмети. Потоа се осврна на значењето на Мајскиот договор, објаснувајќи дека сите анкети досега покажале дека лично него „македонската заедница не само што не го сака, туку го мрази“, но со силата на тој договор сепак била почитувана изборната волја на мнозинството во албанската заедница.
„Во 2006 година ВМРО-ДПМНЕ ги понижи Албанците со тоа што не ја зема предвид волјата на мнозинството. Сега мора да се гледа на последиците. Ова се прашања за кои сега се дискутира во ДУИ, бидејќи одлуката што ќе ја донесеме не сакаме да остави последици за албанскиот народ во Македонија“, рече Ахмети, обидувајќи се посредно да објасни што ќе значи поништувањето на Мајскиот договор од 2007 година, според кој, владата ја составуваат двете партии кои освоиле најмногу гласови во македонската и албанската заедница.
„И тогаш (во 2008 година -н.з) ризично беше и за ВМРО-ДПМНЕ да го направат овој чекор за заедничко владеење, со сили кои некогаш беа наречени ‘терористички сили’ и ‘непријатели на државата’“, потенцираше Ахмети, обидувајќи се да објасни дека не била лесна ни позицијата на коалицискиот партнер.

Целиот текст можете да го прочитате тука

Слични содржини