Во светот има се повеќе ѕидови на границите

од Vladimir Zorba
54 прегледи

 

До уривањето на Берлинскиот ѕид во светот имало 16 ѕидови издигнати со цел заштита на граници. Во 2016 година според Елизабет Вале, од Универзитетот во Квебек, тие се 66, изградени да спречат мигранти, но и поради безбедносни причини.

Меѓу 2006 и 2010 година САД подигнаа над илјада километри ограда по границата со Мексико за да спречат незаконска миграција и шверц на дрога. Оградата наречена Завеса тортиља, е „опремена“ со камери за надгледување.

Бугарија подигна 30-километарска ограда кон границата со Турција во минатата година, додека во 2012 година Грција подигна метална ограда со должина од 10,3 км покрај реката Еврос на границата со Турција.

Во Унгарија во септември 2015 година беше подигната ограда со висина од 4 метри по границата со Србија. Во октомври лани беше подигната ограда и по границата со Хрватска.

Австрија почна во декември 2015 година изградба на ограда долга 3,7 км по границата со Словенија. Словенија постави бодликава жица како пречка долга 150 км на границата со Хрватска која има 670 км.

Во Франција во декември 2016 година беше завршена изградбата на ѕид за да спречи незаконски мигранти да преминуваат кон Велика Британија. Ѕидот е висок 4 метри и долг еден километар. Финансиран е од Лондон – 2,7 милиони евра.

Шпанските енклави во Мароко Сеута и Мелилја се оградени со ограда што се тешки за преминување. Во 2014 година Израел заврши со градење бариера долга 242 км по границата со Египет. Во последните месеци 17 км од ѕидот се направени повисоко – од 5 на 8 метри.

Меѓу 1993 и 2013 година Индија изгради на границата со Бангладеш ѕид долг речиси 4.000 км за да запре шверц, незаконска миграција и упади на вооружени групи.

Најстарата безбедносна бариера во светот е 2,700 км ѕид од песок што одвојува мароканска територија од територија под контрола на бунтовници на Полисарио кои се борат за контрола врз западна Сахара од 70-те години на минатиот век.