
Анкетите покажаа поделба во американското општество – половина Американци ја одобруваат забраната за пристап на граѓани на 7 држави во земјата, другата половина се против. Студијата е на Ројтерс. Слични се податоците за одобрување и неодобрување на новиот претседател, според друга социолошка агенција – “Галуп”. Доналд Трамп е подеднакво омразен и сакан, покажуваат податоците од најновите анкети во САД.
Според “Галуп” 45 отсто од Американците се незадоволни од неговите први одлуки, но, исто така, 45% се задоволни. Во споредба со своите претходници сепак Трамп е со најмал процент на одобрување. Ниту еден американски претседател досега не е собирал толку голем процент негативено гласање. Од Ајзенхауер досега Американците биле најкритични кон Џорџ Буш помладиот, при кој неодобрувањето беше 25 проценти. Анкета на Ројтерс пак покажува дека зад досегашните одлуки на Трамп застануваат 49 отсто, а 41% не ги поддржуваат. Но само една третина се чувствуваат “посигурни” од забраната. Во меѓувреме продолжуваат назначувањата на високи раководни позиции. Трамп го издигна 49-годишниот судија Нил Горсч за испразнетото деветто место во Врховниот суд. Тој ќе биде најмладиот судија на оваа позиција. Горсч е познат по конзервативните ставови и како еден од главните противници на абортусот.