![]()
Германската контра – разузнавачка служба БНД шпионирала новинари од Би – Би – Си, Њујорк Тајмс и Ројтерс пишува онлајн изданието на магазинот „Шпигел“ пренесува дописникот на МИА од Берлин.
Според весникот, кој дошол до документи со кои се потврдуваат наводите, БНД следел најмалку 50 телефонски броеви, факс контакти и електронски адреси кои што ги користеле новинари и уредници од целиот свет. Според документите, меѓу шпионираните цели биле седиштето на од Би – Би – Си во Лондон, но и бирото на телевизијата во Авганистан. Следени биле и мобилни и сателитски телефони на агенцијата „Ројтерс“ од Авганистан, Пакистан и Нигерија а под присмотра било и бирото на Њујорк Тајмс во Кабул.
Шпигел пренесува став на организацијата „Репортери без граници“ според која прислушувањето од страна на БНД е „ невиден напад на слободата на печатот и претставува нова димензија на неуставно однесување“.
Голем број детали од документот ќе бидат објавени во печатеното викенд издание на весникот. Изворот на информациите најверојатно е поврзан со парламентарната истрага што се води за тајните операции на американската Национална Служба за Безбедност (НСА) во Германија.
Пред комисијата која три години се обидува да дознае колкав бил обемот на шпионирање на НСА и како БНД им помагала на своите американски партнери, минатата недела сведочеше и канцеларката нгела Меркел, која рече дека се додека Едвард Сноуден јавно не ги открил активностите на НСА не знаела за нелегалното американско прислушување на телефони и следење на интернет комуникација во Германија. Меѓу целите на следењето беше и телефонот на Меркел, но никој досега формално не потврди дека цел на американските партнери бил и шефот на германската влада.
За сметка на НСА, германската БНД следела низа цели во ЕУ меѓу кои и кабинетот на францускиот претседател и претставници на Европската Комисија.