![]()
Гласот на Америка – Вашингтон
Американската економија додаде над 10 милиони работни места за време на администрацијата на поранешниот претседател Барак Обама, но стапката на сиромаштијата исто така благо порасна. Многу Американци гласаа за Доналд Трамп поради загриженост во поглед на економијата, а тој вети големи промени. Меѓутоа, додека републиканските законодавци предлагаат укинување на Законот за пристап до здравствената заштита, познат под името Обамакер и ги намалуваат издвојувањата за помош на сиромашните во храна, околу 43 милиони луѓе кои живеат под линијата на сиромаштијата се плашат што ги чека во иднина.
Неизвесност… Според зборовите на докторката Моника Вора, тоа е состојба во која се наоѓаат многу од нејзините пациенти од претежно имигрантски семејства со ниски примања, кога доаѓаат во бесплатната клиника на организацијата „Леб за градот” во главниот град Вашингтон. Сега кога во Белата куќа е новиот претседател, Вора специјалист по интерна медицина, вели дека таа состојба е уште поизразена.
„Мислам дека јазикот кој се слуша е вознемирувачки. Некои од тие изјави повторно ги трауматизираа луѓето кои веќе се трауматизирани од претходните политички одлуки. Тие се чувствуваат незаштитено и несигурно”.
Таа вели дека многу од нејзините пациенти кои добиле здравствена заштита благодарение на „Обамакеар” не се сигурни дали ќе ги имаат истите бенефиции под новата администрација. Брајан Набинет, кој цел живот живее во Вашингтон, дошол во оваа непрофитабилна организација за да добие бесплатни намирници од нејзината народна кујна.
„Тоа е многу важно. Дефинитивно ни треба ваква помош. Ако тоа го изгубиме, тоа ќе биде уште еден голем проблем”.
Волонтерката Патрис Ели, која додека била невработена, користела помош од оваа организација во храна и облека, вели дека е загрижена од се поголемиот јаз во примањата, како и се поголемата дистанцираност на политичарите од проблемите на обичните граѓани.
„Од своите 20-ти забележувам дека тој јаз постојано се зголемува, без оглед на тоа кој е на власт, кој раководи со земјата”.
Загрижноста за иднината и спојувањето крај со крај не е ограничена само на градските подрачја во САД. На околу два часа возење од Вашингтон, во округот Јорк во Пенсилванија, секој девети жител нема доволно храна.
Минатата година, непрофитабилната Народна кујна на округот Јорк дистрибуираше над 900.000 килограми храна на локалните цркви и агенции кои работат со најзагрозените семејства во јужна Пенсилванија. Деби Краут-Алтоф е директорка за развој во народната кујна.
„Тоа е искуство кое ви ги отвара очите, кога ќе се вратите од пауза за ручек и ќе ги видите луѓето пред вашата зграда како чекаат во ред кој се протега низ повеќе блокови за да добијат храна, по секакво време. Го поминуваме животот најчесто игнорирајќи ги таквите глетки”.
Жителката на Њујорк Сејлема Грејс Гелтруд вели дека во еден момент на нејзината фарма живееле 13 членови на семејство. Оваа баба вели дека се потпира на народната кујна, социјалната помош и локалните програми за здравствена заштита за да ги надомести трошоците кои нејзината плата и социјалното осигурување на нејзиниот сопруг не можат да ги покријат.
„Не можев да плаќам никакво осигурување, со сметките, со отплатата за автомобилот. Трошоците се зголемуваат. Без вакви програми, луѓето се мачат…”.
Гелтруд, Набинет и други Американци се надеваат дека политичарите нема да заборават на тие проблеми додека расправаат за промени на федералните програми.