14-годишен дански студент најде авион од Втората светска војна во близина на гратчето Биркелсе во северниот дел на земјата, објави CNN.
Тоа се случило кога Даниел Кристиансен барал артефакти за да подготви училишен проект.
“Излеговме на полето со метал-детектори. Јас се надевав дека ќе успееме да најдеме неколку стари табли или нешто слично “, ги цитира СНН зборовите на таткото на Даниел – Клаус. Потоа одеднаш откривме остатоци на авион, најверојатно “Месершмит”.
Потребно било таткото да ангажира багер, за да стигне до останатите делови, меѓу кои ги откриле и остатоците од пилотот. Најверојатно авионот се урнал во крајот на 1944 година. Од музејот на Северна Јутландија, каде се пренесени остатоците од авионот, сметаат дека наскоро може да се утврди и идентитетот на пилотот.
“Ги најдовме неговите документи и мислам дека го имаме неговото име”, рече куратор на музејот Бег Сараув. Се претпоставува дека пилотот полетал од блиската учебна авиобаза сместена до гратчето Олборг. Локалната полиција ги известила германските власти за откритието.