Што е Хрватска денес, од нејзиниот прв ден на полноправното членство во Европската унија? Статистички, хрватскиот бруто домашен производ изнесува само 0,34 отсто од годишниот производ на ЕУ од 28 членки, од кое во таа нова интегративна рамка го има и нејзиното политичко, а не само економско значење за Унијата.
Економски, Хрватска е земја во се подлабока и веќе петгодишна, речиси нерешлива депресија, чиј БДП од 2008 тонеше се подлабоко, колку што хрватската Влада подобро ги препишуваше прописите на ЕУ и се поуспешно ги исполнуваше високите критериуми за приклучување во Унијата. Поради тоа меѓународниот кредитен рејтинг (од анкетите на водечките агенции, инвеститори и најблискиот европски финансиски пазар) е на најниско ниво.
Тој факт влијае и на најновата слика за Хрватска во огледалата на водечките медиуми од ЕУ, кои земјата овие историски денови ја опишуваат како неподготвена за конкуренција, не само на европско, туку и на широкиот либерализиран домашен пазар.
Но, дипломатски и пропагандно, судејќи според зборовите кои во сите историски славенички моменти и прилики од 30 јуни до 1 јули можеа да се слушнат од највисоките функционери на Република Хрватска и ЕУ, Хрватска е пресреќна земја.
Бидејќи се исполни политичкиот сон на повеќе генерации, повторно да биде дел од големата Европа „на која отсекогаш припаѓала” и бидејќи само во рамките на големото европско семејство ќе може да ги користи сите свои природни, просторни, комуникациски, културни, економски и финансиски потенцијали.
Додека беше на патот кон ЕУ, домашната јавност беше поделена во три нејасни групи: поборници за што побрз влез во ЕУ, противници на влезот во ЕУ и на евроскептици, кои безнадежно се двоумеа за тоа дали и во што Хрватска од влезот во Унијата ќе има повеќе корист отколку штета, а колку повеќе ќе има штета отколку корист.
Но сега и таа нејасна поделба на домашната јавност и нејзините склоности или очекувања, оди во историјата, за на жива отворена сцена да ја наследи секојдневото вагање на истата и на лично и на деловно и на локално и на национално, па и на целосното идентификациско ниво.
За да има повеќе корист отколку штета од своето членство во Унијата и нејзиниот пазар од 508 милиони жители, на Хрватска ќе и треба среќна мешавина од јапонска работливост, германско претприемаштво и инвентивност, американски идеи и сопствено снаоѓање, со лекарска доза на лежерност.
Но, тоа се само згодни пригодни фрази, кои веќе во второто полугодие на оваа историска година ќе се потврдат, ќе се отфрлат или само делумно ќе бидат реални на мерливите промени во хрватскиот БДП, во БДП по жител, во зголемувањето или намалувањето на бројот на редовно вработените, во зголемувањето или намалувањето на надворешниот долг, во фискалните приходи и кусокот во државниот буџет.
Ако не дојде до видлив пресврт и во покренувањето на поголеми државни инвестиции и во привлекување на инвеститори од ЕУ, како и постапно намалување на надворешниот долг и следствено на тоа подобрување на кредитниот рејтинг, Хрватска веќе во 2017 може да се најде во послениот ред на членките на ЕУ, изложени на хронична депресија и иселување на најдобрите експерти, како и распродажба на остатокот од „семејното богатство” и природните потенцијали.
Нови Лист – Ријека