Град Скопје не е институцијата која го донела деталниот урбанистички план и не ја гради сообраќајницата на Кејот 13 Ноември, се вели во реакцијата на Град Скопје на прес-конференцијата на претседателот на општинската организација на СДСМ во Центар, Саша Богдановиќ.

Од Градот велат дека изјавите на Богдановиќ се невистини и манипулации и дека темата околу изградбата на сообраќајницата, подолг период се злоупотребува од страна на „одредени институции, политичари и политички партии“ за дневно политички цели.
„Градот Скопје сака да ја информира јавноста дека изградбата на оваа пристапна улица со посебен сообраќаен режим е предвидена со Детален урбанистички план донесен од Општина Центар, а истата ја гради приватен инвеститор. Град Скопје не е институцијата која ја има вцртано оваа улица и Град Скопје не е таа која ќе ја гради. Градот Скопје, врз основа на валиден документ, детален урбанистички план, кој е донесен од страна на Општина Центар, е законски обврзан да издаде градежна дозвола за тоа. Доколку не го стори тоа, Градот Скопје може да биде тужен од страна на инвеститорот и да сноси финансиски последици“, стои во соопштението од Град Скопје.