СДСМ денеска преку соопштение апелира да се почитува волјата на граѓаните и да се овозможи мирен трансфер на власта преку формирање на Комисијата за избори и именувања и продолжение на конститутивната собраниска седница на која ќе се избере новиот претседател на Парламентот. 
– Волјата на 700.000 граѓани преточена во 67 пратенички мандати мора да се почитува. Демократско право на граѓаните е да ја изберат својата влада и тие на кредибилни избори се изјаснија за промени, правда и заедништво. Република Македонија има парламентарно мнозинство, како што предвидува Уставот. Претседателот на СДСМ Зоран Заев, зад кого застанаа 67 пратеници во Собранието на Република Македонија веќе ја објави Програмата на новата реформска влада, којашто го штити унитарниот карактер на државата, гарантира владеење на правото, обезбедува решенија за потребите и проблемите на сите граѓани и ги отвора евро-атланстките перспективи на Република Македонија, се вели во соопштението.
СДСМ наведува дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски и претседателот на државата Ѓорге Иванов не смеат да не ја почитуваат волјата на граѓаните изразена на изборитe.