Собранието утре ја продолжува конститутивната седница

од Vladimir Zorba
73 прегледи

 

Пратениците во македонското Собрание ја продолжија дебатата за избор на претседател, заменик на претседателот, членови и нивни заменици на Комисијата за прашања на изборите и именувањата.

Во попладневниот дел од конститутивната седница, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ повторно побараа СДСМ да се изјасни дали ја прифаќа т.н. тиранска платформа и предложија да се оди на предвремени парламентарни избори на кои граѓаните ќе се изјаснат дали ќе ја поддржат оваа платформа.

Пратеникот Влатко Ѓорчев апелираше до СДСМ да има поголем сензибилитет затоа што, како што посочи, целата состојба во државата е комплицирана.

– И СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ би требало да имаме заеднички позиции затоа што спротставеноста и конфронтацијата меѓу двете партии може да влијае на надворешно политичката позиција на Македонија. Во таа насока би апелирам сите наши несогласувања да не бидат основа за поткопување на долгорочните позиции на Република Македонија, рече Ѓорчев.

Пратениците од СДСМ побараа суштинска дебата, а денешните излагања на ВМРО-ДПМНЕ ги оценија како дефокусирање од точката на дневен ред и блокирање на работата на Собранието. Тие му забележаа на претседавачот на Собранието, Трајко Вељаноски дека не се држи до Деловникот за работа и оти дозволува пратениците во нивните реплики, контрареплики и процедурални забелешки да говорат за теми кои немаат врска со точката на дневен ред.

– Ве замолувам во иднина секој што ќе зборува надвор од точката на дневен ред, да му го одземете зборот за да оневозможите реплики и контрареплики. Имаме конкретни точки на дневен ред, рече Петре Шилегов од СДСМ.

Вељаноски ги замоли пратениците во своите реплики и контрареплики да дебатираат за точката на дневен ред.

– Ги замолувам пратениците да водат сметка во својот говор, репликите и контрарепликите да не ме примораат да ги исклучувам затоа што се оддалечуваат од точката на дневен ред. Ги замолувам и пратениците кои цело време се јавуваат за процедурални забелешки, да го скратат времето за вакви забелешки, рече Вељаноски.

Конститутивната собраниска седница продолжува утре во 11 часот. Досега имаше четворица дискутанти, а за дискусија се пријавени вкупно 51 пратеник.