(ВИДЕО) СБ на ОН на вонредна седница расправа за хемискиот напад во Сирија

од desk2
122 прегледи

Советот за безбедност на ОН денеска се собра на вонредна седница за да го разгледа наводниот хемиски напад, што вчера во Сирија однесе 72 живота, јавија француските медиуми.

Русија, меѓутоа, предлог резолуцијата поднесена од САД, Франција и Обединетото кралство, а со која се осудува овој напад, ја оцени како „неприфатлива“, во нејзиниот сегашен вид, што е нова илустрација на разликите меѓу Западот и Москва за темата Сирија.

Во моментот кога претседателот Франсоа Оланд од Франција повика на воведување санкции против сирискиот режим, неговиот претставник во ОН, амбасадорот Франсоа Диолатр, во салата на Советот за безбедност на ОН влезе со зборовите „воени злосторства, воени злосторства од огромна големина, воени злостроства со хемиско оружје“.

-Ја повикуваме  Русија да изврши многу поголем притисок врз режимот. Имаме потреба и од Америка, која треба сериозно да се ангажира со изнаоѓање решение во Сирија и да застане со целиот свој габарит зад неа, изјави Диолатр пред седницата на СБ на ОН, цитиран од британските медиуми.

Според неговиот британски колега, Метју Рајкрофт, евентуалното руско вето ќе значи дека Русите продолжуваат да го бранат неодбранливото.

Додека тече седницата на Советот за безбедност на ОН, лекарите се борат за животот на најтешко настраданите меѓу над 160-те лица, кои се примени во болниците по вчерашниот напад. Медицинската добротворна организација „Лекари без граници“ соопшти  дека нејзините припадници им укажале помош на осум лица со симптоми, слични на оние кои се појавуваат при контакт со нервнопаралитични материи, како саринот.

Во нападот врз градот Хан Шејхун, во провинцијата Идлиб, загинаа 72 цивили, вклучувајќи и 20 деца, покажуваат податоците на Сирискиот центар за мониторинг на човековите права.

Предлог резолуцијата поднесена од САД, Франција и Обединетото кралство, ја осудива употребата на хемиските оружја во Сирија и ја потенцира обврската на сириската Влада да даде информација за своите вчерашни воздушни операции, забележуваат американските медиуми.

„Сириските власти се должни на истражните комисии да им ги дадат плановите за летовите, летечките дневници и секаква друга информација за воздушните операции од 4 април“, се наведува во документот.

Од Дамаск, исто така, се бара на меѓународните експерти да им се предадат имињата на сите лица кои командувале со хеликоптерските ескадрили и под итно да овозможи пристап до своите авиобази, од кои се претпоставува дека се извршени нападите со хемиското оружје./