Нова збирка раскази на Господинов на македонски јазик

од Vladimir Zorba
192 прегледи

Издавачката куќа ИЛИ-ИЛИ ѝ подари на македонската читателска публика уште една збирка раскази од писателот Георги Господинов на македонски јазик.

Делото е насловено „ И сè стана месечина “ а преводот од бугарски јазик е на Душко Крстевски.

По успехот со прекрасниот роман „Физика на тагата“, кој веќе е преведен на 30-тина светски јазици, овој пат издавачката куќа ИЛИ-ИЛИ ја издава последната негова објава, инаку вкупно 147 книга во популарната едиција ПРОаЗА.

Дизајнот на книгата е на Марија Смилевска, а нејзиното излегување го поддржа Европската програма за култура „Креативна Европа 2014-2020“.

За книгата

Како и претходните негови книги, штом излезе од печат, и збирката раскази „И се’ стана месечина“ на Георги Господинов стана најпродавана во Бугарија.Таа содржи деветнаесет приказни пишувани во последниве години, некои од нив веќе објавувани во разни светски антологии, а сега спакувани во еден книжевен простор. Според авторот, тие имаат заедничка атмосфера и ги поврзува заедничка логика. Збирката започнува со расказот „Осум минути и деветнаесет секунди“. Тоа е времето на патување на светлината од сонцето до Земјата. Но тоа може да е и времетраењето на читање на секоја поединечна приказна. Обидете се, уживањето е само пријатна последица, затоа што Господинов знае со зборовите. Тој ги припитомува и оживува, за потоа врз нас да истури мноштво од различни емоции. Маестрално!

Критика

„Остро перо и нежен поглед… со Господинов нурнувате во свет во кој секоја буква ве праќа кон една жена, а секој збор се клати помеѓу тагата и хуморот“.

Le Nouvel Obsevateur, Франција

 

„Западната метафикција се сретнува со источноевропската метафизика. Расказите на Господинов изобилуваат со неверојатни изненадувања, имагинативни пресврти и јазик кој е сеопфатен“.

Алеш Дебељак, World Literature Today, САД

 

„Георги Господинов раскажува така што текстот никнува како растение, а самото читање се претвора во прошетка“.

Literaturen, Германија

 

Биографија на авторот

Георги Господинов (1968) е поет, романсиер и сценарист. Тој е најпреведуваниот бугарски современ писател, чии книги досега се преведени на повеќе од дваесетина јазици. На македонски се објавени книгите „Природен роман“, „И други приказни“ (и обете на Темплум), како и збирката песни „Балади и распади“ (Блесок), сите во превод на Никола Маџиров. Во последниве години авторот постигна успех и во САД, а позитивни рецензии за неговите дела излегоа во New Yorker, NY Times, Village Voice… Неговиот најуспешен роман, „Физика на тагата“ (ИЛИ-ИЛИ, 2015) беше финалист на неколку европски и светски награди, меѓу кои: Premio Strega Europeo, Haus der Kulturen der Welt, Brücke Berlin Preis…  „И се’ стана месечина“ засега е последната прозна објава на Господинов, чии книги читателската публика секогаш ги очекува со возбуда и трпки во ‘рбетот.