Во рамките на годинешната програма на Скопје филм фестивал, утре, 27 април, работилница за анимиран филм ќе одржи Берин Тузлиќ, уметник од Сараево.
Работилницата се состои од три сегменти:: видеа од Ричард Вилијамс, интерактивен edutainment и видео цртање со тајминг музика, комбинирана техника Фазонатор
Берин Тузлиќ е мултимедијален уметник од Сараево, доцент по цртана анимација. Добитник е на многубројни награди од областа на краткиот анимиран арт филм, изработка на реклами и стрипови. Неговиот филм „Сараево, не знам кога и не знам каде сум“ е добитник на 33 награди, покрај останатите наградувани филмови „Страшила“, „Бегам и кога не сум крив“, „Фазонатор“ и други. Тој е автор на повеќе од 10.000 минути арт и рекламни анимации.
Тузлиќ е претседател е за БиХ на АСИФА, светско здружение на аниматори. Претседател е на НВО Pixel.ba од Сараево за аудио-визуелни комуникациски вештини. Коспоственик е на најголемата адвертајзинг агенција и продукција „Виамедиа“ во Бих, која има свои подружници во три земји.
Работилницата ќе се одржи на 27 април во Кинотека на Македонија од 12 часот.
Вечерва (26 април) на програмата на фестивалот се премиерите на двата нови краткометражни македонски филмови: „Ќе дојдат децата“ во режија на Ана Јакимска, со Наташа Петровиќ и Шенка Колозова во главните улоги и „Чевли“ во режија на Бранко Костески, со актерите Благој Веселинов, Григор Јовановски, Диме Илиев, Ана Костовска и Роберт Ристов. На проекциите во кино „Фросина“ од 20,30 часот ќе присуствуваат и авторите и филмските екипи.
Програма за четврток, 27 април:
Кино Фросина
18:00h УЧЕНИК/THE STUDENT (2016)
Режија: Кирил Серебреников
Улоги: Петр Скворцов, Викторија Исакова, Светлана Брагарник, Антон Васиљев
Russia, 118 min.
Покажувајќи ја борбата на волја меѓу фанатично ортодоксниот тинејџер Вења и неговата наставничка по биологија, атеистката Елена, режисерот Серебреников создаде длабоко вознемирувачко, моќно и визуелно ремек-дело.
Вења ја открива религијата, што предизвикува бранувања во неговото училиште во современа Русија.
Она што почнува како шега станува малку позлокобно кога Вења ќе ги прифати екстремистичките ставови за улогата на жените, инфериорноста на Евреите и злото на хомосексуалноста и се заканува да премине во насилство. Филмот нуди универзално релевантно истражување на религиозниот фанатизам, а во исто време и осудувачки, сатиричен поглед на модерна Русија, земја чии најголеми институции сè повеќе се под доминација на реакционери и фанатици со средновековни размислувања
20:00h ЕВОЛУЦИЈА/ EVOLUTION (2015)
Режија: Лусил Хаџихалиловиќ
Улоги: Макс Бребант, Роксен Дуран, Жули-Мари Парментие
France/ Belgium/Spain, 81min.
Помина повеќе од една деценија од впечатливото деби на Лусил Хаџихалиловиќ „Невиност“ (2004), која во меѓувреме беше косценаристка на филмот на Гаспар Ное „Влез во празното“. Нејзиниот долгоочекуван нов игран филм „Еволуција“, кој се случува на еден мистериозен остров, и самиот е како загадочна карпа, далеку од истражените филмски мапи. На островот живеат само млади момчиња и нивните постари негувателки. Со заедницата доминира мрачна бетонска медицинска установа на блискиот ‘рт, каде што ги праќаат сите деца „да се излечат“, а таму подлежат на вознемирувачки медицински процес. Кога едно од децата, Макс, ќе го открие телото на друго дете во морето, ќе почне да се сомнева во тоа што им го кажуваат. Ова е приказната за свеста што еволуира и води кон раѓање на скептицизам – и поконкретно, недоверба кон властите што буди желба за потрага по подобар свет.
Страшен, привлечен и прекрасно снимен и дизајниран, „Еволуција“ создава филмски свет што е крајно морничав и вистински ве обзема, а се одвива како чудесен сон кој е постојано на работ на кошмар.
22:00h КАМЕНО СРЦЕ/ HEARTSTONE (2016)
Режија: Гудмундур Арнар Гудмундсон
Улоги: Балдур Еинарсон, Блер Хинриксон, Дила Валсдотир
Iceland, 129 min.
„Камено срце“ ги следи Тор и Кристијан, двајца најдобри другари во претпубертетски/преттинејџерскигодини, кои живеат во мало село во рурален Исланд. И на двајцата животот дома им е тежок – родителите на Тор се отсутни, а таткото на Кристијан е пијаница и насилник – но тие наоѓаат прибежиште еден во друг и во времето што го минуваат лутајќи низ селото, бегајќи од тепачите и врткајќи се околу локалната кафеана. Ќе имаат турбулентно лето кога едниот ќе се обиде да го освои срцето на една девојка, додека другиот открива нови чувства кон најдобриот другар.
„Камено срце“ го истражува созревањето на двајца млади другари и го анализира прифаќањето на хомосексуалните чувства и страсти. Тој е портрет на внатрешниот конфликт што ќе ги раздели, а потоа повторно ќе ги спои главните ликови. Од светот на игри и себеспознавање, транзицијата ќе биде тешка, шокантна и болна во обидот да се справат со деликатниот и суров премин во зрелост. Ова е трогателно, добро одиграно и визуелно прекрасно деби што ветува и фрла нежен поглед на превирањата во чудните години.
Кинотека на Македонија
12:00h РАБОТИЛНИЦА ЗА АНИМИРАН ФИЛМ со Берин Тузлиќ
17:00h НЕВИДЛИВИОТ ГОСТИН / THE INVISIBLE GUEST (2017)
Режија: Ориол Пауло
Улоги: Марио Касас, Барбара Лени, Ана Вагнер, Хозе Коронадо
Spain, 104 min.
Овој прекрасно снимен трилер на Ориол Пауло е продолжение на прославениот „Тело“ (2012). Сè му оди од рака на Адријан Дорија, човек што има сè. Неговиот бизнис му носи богатство, убава сопруга, прекрасно семејство – сето ова се урива кога ќе се разбуди во хотелска соба до телото на својата мртва љубовница. Бидејќи сè што изградил се урива, Дорија ја контактира најдобрата адвокатка за одбрана и во текот на една напната вечер, тие се обидуваат да дознаат што, всушност, се случило претходната ноќ.
Филмот изгледа прекрасно, со убава монохроматска палета на бои полн со едноставни и добро структурирани кадри на кои контраст им прават снимките од шпанските планини и шумските патишта. Преку раскажувањето на Дорија сцените експертски се движат меѓу сегашноста и минатото, што го прави филмот флуиден. И како и секој добар трилер, напнатоста останува до самиот крај.
21:00h BABY IDEAS / БЕБЕШКИ ИДЕИ