Дописот за Џафери од Собранието до Службен весник патува ли патува…

од Vladimir Zorba
115 прегледи

Службен весник се уште нема добиено официјален документ од Собранието на Република Македонија, за изборот на Талат Џафери за претседател, дознава Телма.

67 пратеници од мнозинството уште вчера се потпишале на допис со кој бараат објавување на одлуката, а кој треба да биде препратен во Службен весник од Канцеларијата на Генералниот секретар, Жарко Денковски. Документот е потпишан од заменикот на Денковски, Неџбедин Ибраими, но зошто се уште не е стигнат на вистинската адреса, не знае никој. Денковски, кој претпладнево му го честитал изборот на Џафери, денеска не одговараше на нашите повици.

Поранешниот Генерален секретар, Александар Новаковски, вели дека, таа функција во Собранието нема одлучувачка улога, туку само техничка и дека дописот треба што поскоро да биде препратен во Службен весник.

Законите и другите прописи се објавуваат најдоцна во рок од седум дена од денот на нивното донесување, но Новаковски вели дека, во случајов, мора да се реагира веднаш.

Објавата во Службен весник е неопходна законска процедура, за да може Талат Џафери да преземе какви било дејства или активности во својство на претседател на Собранието.