Се уште нема никаков одговор од Претседателот на државата, Ѓорѓе Иванов на писмото на претседателот на Собранието Талат Џафери за доделување на мандатот на претседателот на СДСМ, Зоран Заев. Претседателот се врати од посетата што ја имаше во Турција, но од неговиот кабинет немаат информација за тоа кога би можело да се очекува одговор. Според Уставот, Иванов е должен да одговори во рок од десет дена од денот кога бил информиран дека е формирано ново мнозинство.
А се уште не е објавена ниту одлуката на мнозинството за избор на Талат Џафери за нов Претседател на Собранието. Од „Службен весник“ информираат дека согласно Законот, во наредниот број ќе се објави одлуката за избор на нов Претседател. Во меѓувреме, Џафери продолжи со одделни средби со американскиот амбасадор Џес Бејли и францускиот Кристијан Тимоние, со кои разговарал за деблокирање на работата на Собранието и за насилните напади во Собранието, за време на „Крвавиот четврток“. Во СДСМ пак велат дека чекаат по завршување на сите процедури, да почнат со преговори за формирање на Влада. Оливер Спасовски ги нарече шпекулации информациите за тоа дека наводно ги започнале преговорите, па дека дури се разговара и за поделба на министерските места. Тој рече дека во моментот само едно е сигурно, а тоа е дека Зоран Заев ќе ја формира новата влада./извор АлсатМ