
Пред околу 700 симпатизери, сопартијци, лидерот на СДСМ, Зоран Заев повторно ја побара довербата за да ја води партијата.
На 22от конгрес присуствуваа и претставници од европските сестрински партии, новите коалициски партнери и поранешниот претседател Бранко Црвенковски.
Заев од говорницата порача дека оттука стартуваат реформите на новата влада, но и новиот живот во Македонија. Иако не конкретизираше до каде се преговорите со сите партии, сепак рече дека Македонија веќе следната недела ќе добие нова влада со европски вредности.
„Сакам да ви ветам сега и тука, посветено ќе работиме и со посебна грижа ќе се потрудам да ја оправдаме вашата доверба. Нема да дозволиме да се повтори злото што им го направи ВМРО-ДПМНЕ на граѓаните и државата. Ние веруваме во општествен прогрес и тој прогрес е можен, веруваме во споделена иднина и дека секој е важен. Затоа ќе овозмоижиме еднакви шанси за сите во владата и општеството.“ – истакна Заев.
Пораки дека ја поддржуваат партијата, испратија и сестринските европски партии на СДСМ и европратеници.
„Тоа што денес ќе го решите како делегати на овој историски конгрес е важно за сите во Македонија. Имате можност да докажете дека социјалдемократските политики и вредности се алатка за креирање на подобар живот. Солидарноста меѓу луѓето е столбот во социјалдемократската идеологија“.
На 22-от конгрес делегатите освен претседател, ќе изберат заменик и членови на Централниот одбор.