Хазби Лика вицепремиер за рамковен договор, Бујар Османи вицепремиер за евроинтеграции, Билент Салиу министер за правда, Крешник Бекташи министер за економија, Рамиз Мерко е министер без ресор и Садула Дураку, министер за животна средина
ДУИ ќе биде дел од реформската влада со кадри кои биле дел од владите на ВМРО-ДПМНЕ, а во минатото и на СДСМ, и кои не се прославија со успешно спроведување реформи. Имињата во новиот владин кабинет од редовите на партијата на Ахмети, според она што го дознава Алсат-М, носат многу помали очекувања дури и од оние што ДУИ ги предложи за во преодната влада. Во СДСМ горе долу се решени позициите на кои ќе биде водството на партијата, а најголем дел од пратениците остануваат во парлмантот. ОД списокот на Ахмети кој е доставен до претседателството се следните предлози за министри на ДУИ:
Хазби Лика би требало да биде вицепремиер за политички систем и односи меѓу заедниците. Лика од 2009 не е активен во партија ниту во политичкиот живот. Тој претходно беше градоначалник на општина Тетово. Во 2003, година што се памети по вработување Албанци во МВР со партиска книшка, Лика ја извршуваше функцијата заменик-министер за внатрешни работи.
Садула Дураку, кој треба да биде нов министер за животна средина, во моментов е градоначалник на општина Липково, а во Владата на СДСМ и ДУИ по конфликтот, беше министер за земјоделство.
Бујар Османи би требало да биде вицепремиер за евроинтеграции на предлог на огранокот во Чаир. Со номинирањето на Османи за член на владата, потрошена е можноста Изет Меџити да стане министер за економија, како што се шпекуклираше досега. Портпаролот на ДУИ, Османи, во една од владите на Груевски беше министер за здравство, а беше спомнат и во бомбите на СДСМ.
Шефот на кабинетот на лидерот на ДУИ најверојатно ќе остане надвор од министерската листа, иако првично Артан Груби барал едно од клучните места во МВР, вклучувајќи го и УБК.
Изворите на Алсат-М велат дека се очекува Весел Мемеди да биде фаворизиран од ДУИ, иако не е нејзин кадар. Се шпекулира дека Мемеди дека ќе ја добие функцијата министер за локална самоуправа, која ќе и припадне на коалицијата Алијанса за Албанците. Оваа коалиција го добива и местото прв човек во министерството за здравство, на кое ќе дојде Арбен Таравари. Имињата треба да бидат конкретизирани од претседателството на ДУИ и вечер од претседателството на ДР-ДПА.
Тв 24 на овој список го додаваат Билент Салиу министер за правда, Крешник Бекташи , министер за економија, а Рамиз Мерко како министер без ресор
БЕСА се уште тактизира со евентуалното учество во Влада, повикувајќи се на документот со пет точки, меѓу кои е и барањето за редефинирање на државата.
Од имињата од СДСМ за наредната извршна власт се споменуваат:
Оливер Спасовски, за министер за внатрешни работи, иако за оваа позиција се можни и други решенија, а Спасовки во секој случај би водел министерска или вицепремиерска позиција.
Радмила Шеќеринска, министерка за одбрана
Драган Тевдовски, министер за финансии
Никола Димитров, министер за надворешни работи
Мила Царовска, министерка за труд и социјална политика
Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, најави дека документот со министерските имиња и програмата за работа на новата Влада ќе бидат доставени до Собранието на почетокот на идната недела, за по можност веќе в среда или четврток да се изгласа владата.
Сите рокови се поместија поради преговорите со БЕСА, и нивните за СДСМ неприципиелни барања за влез во Владата.