Берлин ќе избегнува конфликти со Анкара при повлекување на своите војници

од Vladimir Zorba
107 прегледи

 

Германскиот министер за надворешни работи на Германија, Зигмар Габриел најави дека ќе избегнува дополнително влошување во односите со НАТО партнерот Турција за време на повлекувањето на своите војници од турската база Инџирлик

Причините за ваквиот умерен однос на Берлин според изјавата која што Габриел ја дал за радиото „Дојчландфункг“ е да не се дозволи спорот меѓу двете земји да ја приближи Турција до Русија.

Според Габриел германските претставници ќе сторат се што можат да ја намалат ескалацијата на ситуацијата за време на трансферот на германските војници од базата Инџирлик во Јордан.

– Пред се сите треба да организирама трансфер во кој ќе нема „мегафон дипломатија“ во која најчесто разменуваме навреди, изјавил Габриел, пренесува дописникот на МИА од Берлин.

Габриел вели дека со канцеларката Меркел и министерката за одбрана Урсула фон ден Лејен се договориле за оваа тема да се разговара на утрешната седница на Владата во Берлин, а основа за дебатата ќе биде планот кој го подготвува Министерството за одбрана.

Германија и Турција, која што е еден од најблиските партнери на Берлин, драматично ги влошија односите во јуни лани кога Бундестагот донесе резолуција со која Отоманската империја беше прогласена за геноцидна поради односот кон Ерменците во Првата светска војна.

Од тогаш се случија низа дипломатски инциденти кои не беа превенирани ниту со неколкуте средби меѓу Меркел и Ердоган.

Во Германија живеат околу три милиони Турци или Германци со турско потекло.