Интензивен дијалог со земјоделците

од desk2
94 прегледи

Новиот министер за земјоделство Љупчо Николовски најави дека отвора интензивен дијалог со земјоделците, за да ги слушни нивните предлози, сугестии, размислувања.

Пред неговата прва средба со производителите, Николовски најави дека приоритет на новите владини политики ќе биде воведувањето зелена нафта и исплатата на субвенциите.

Ќе се анализира и работењето на Платежната агенција за да се утврди одговорност, односно да се прецизира кои се причините за блокираната распределба и за се уште непочнатото аплицирање за годинашната поддршка.
Според него, треба да се доисплатат вкупно 3,5 милијарди денари од кои околу 1,5 милијарди за тутунот, а проектираното зголемување на 160 милиони евра останува како една од главните определби. Неделава исплатата продолжи и се префрлени 439 милиони денари.

Земјоделците, пак, очекуваат екстремно лоша година, една од најкатастрофалните, како што рекоа. Поради тоа бараат, ако се процени дека нема што да жнеат, да бидат ослободени од водарина и од плаќање закуп за државното земјиште, а Министерството за земјоделство да биде медијатор и кај банките да им издејствува одлагање на исплатата на кредитите за механизација. И според нив, наредниов период клучна треба да биде доисплатата на субвенциите, но мора да се поведе сметка и за претстојниот октуп на пченицата, утврдувањето на нејзиниот квалитет и дефинирањето на цената.

-Една од клучните мерки е воведувањето зелена поевтина нафта. Веќе дадов инструкции согласно кои треба да стартуваат формално¬правните постапки, имав средба со деканот на Факултетот за земјоделски науки и храна, а вклучени ќе бидат и сите стручни и професионални кадри за длабинско решавање на проблемите, потенцира Николовски.

Министерот смета дека ќе треба време за да се согледаат реалните состојби во земјоделството. Дотогаш, рече, нема да дава конкретни одговори.

Одговорајќи на новинарски прашања, информира и дека веќе бил во тетовско за да ги согледа последиците од невремето. Првичните проценки велат дека се оштетени најмалку 50 хектари земјоделско земјиште и поради тоа, напомена, мора да се постапува многу брзо. Според земјоделците, можно е годинава во некои региони да нема жетва или приносите да бидат само 10 до 20 отсто, а во други, рекоа, комбајните нема ни да влезат.

– Најпрво ќе побараме субвенциите да бидат исплатени до крај, а потоа и да се формираат комисии за проценка на штети. Ако се процени дека има штети и житото не може да се жнее, тогаш бараме во најмала рака да се покријат вложените средства за производство, тие што имаат државно земјиште да не плаќаат закуп, да не се плаќа водарина, велат земјоделците

Од Федерацијата на фармери (ФФРМ) остануваат на ставот дека минималната цена на пченицата треба да биде 12 денари. ¬
– Лани баравме 10, 12 и 14 денари, но на крајот се постигнаа смешни осум денари за килограм што во никој случај годинава не смее да се дозволи, истакна претседателот на ФФРМ Никола Стаменов. Драган Мицкоски од „Аграр“ ¬ Прилеп укажа на проблемите со утврдувањето на квалитетот на пченицата.- Годинава нема да има 50 отсто од лани кога родот беше добар, а се продаде за пет денари/килограм. Ако и сега биде така, подобро да си заминеме сите од државата. Се надевам дека, сепак, ќе најдеме решение иако мелничарите велат дека нашата пченица не е квалитетна за разлика од српската што не е точно, истакна Мицкоски.

На првата средба кај министерот Николовски присуствуваат и претставници на тутунарите, Сојузот на земјоделските здруженија, Агротиквешија.