Четврта седница на Владата на Република Македонија

од Vladimir Zorba
125 прегледи
 Владата на Република Македонија денеска ќе ја одржи четвртата седница.

Како што информира владината прес служба согласно предлогот на дневен ред на четвртата владина седница се итните реформски приоритети, состојби и напредок во процесот на европска интеграција, користење и имплементација на фондовите од ЕУ, статус на реализација на приоритетите на РМ за влез во НАТО и одредени кадровски прашања

Се очекува според пишувањата на повеќе медиуми , на денешната седница да бидат разрешени и директорите на Бирото за јавна безбедност и Управата за безбедност и контраразузнавање, Митко Чавков и Владимир Атанасов.

Во меѓувреме, Владата се подготвува за комплетирање на вториот ешалон, но и за избор на државни секретари и директори на јавни претпријатија. Засега е извесно дека ДУИ во новата влада ќе биде застапена со четири заменички министерски места.

Вицепремиерот Бујар Османи на својот фејсбук профил ги објави замениците министри предложени од ДУИ: Агим Нухиу ќе биде заменик во МВР, Беким Максути во одбрана, Висар Ганиу во образование и Ширете Елези во финансии.

Претходно ДУИ во владиниот кабинет доби четири министерски места и две вицепремиерски. Алијансата за Албанците ја предложи Арта Точи за заменик министер во ресорот надворешни работи, Ремзи Мехмети во Министерството за транспорт и врски и Елми Азири во Министерството за труд и социјална политика.

Во текот на неделава Собранието треба да ги верификува нивните мандати.