ЕЛЕМ: СДСМ лаже, ископот во „Суводол“ се одвива непречено

од Vladimir Zorba
130 прегледи

Државната компанија за производство на електрична енергија ЕЛЕМ ги демантира тврдењата на пратеникот на СДСМ, Васко Ковачевски, кој обвини дека е целосно скината приемната лента на одложниот транспортер на багерот „банваген 5.500“ и дека лентата и багерот се надвор од употреба.

Велат дека ископот се одвива непречено, а на транспортерот се вршел рутински зафат кој нема да трае повеќе од три дена, односно се менуваат механички делови.

„СДСМ продолжува да шири лаги и дефетизам. Граѓаните на Република Македонија и вработените на АД ЕЛЕМ се сериозно загрижени од непознавањето на материјата од страна на СДСМ. Ковачевски очигледно повторно не е информиран. Доколку дојде во РЕК Битола ќе се увери дека ископот се одвива непрекинато. Се работи за рутински зафат на транспортерот, односно замена на механички делови, зафат кој нема да трае повеќе од три дена. Транспортерот очекуваме да биде целосно функционален во текот на утрешниот ден, најдоцна во среда наутро“, се вели во демантот.

Што се однесува до обвинувањето од Ковачевски за блокот 2 на РЕК Битола, од ЕЛЕМ велат дека тој е во ремонт „согласно однапред утврдената динамика на работата на компанијата“.