Ново рочиште: Муса Џафери и Али Ахмети против Богоевски

од Vladimir Zorba
159 прегледи

Денеска во судница во граѓанскиот суд, односно Основен суд Скопје 2, треба да продолжи судскиот случај по тужбата за клевета и навреда на лидерот на ДУИ, Али Ахмети и Муса Џафери, против поранешниот разузнувач Слободан Богоевски за негово сведочење пред Окружниот суд во Њујорк. 

Според информациите, денеска треба да биде сослушан нотарот пред кого Богоевски ја дал изјавата.

На минатото рочиште сведочеше адвокатката Билјана Панова, како полномошник на Американската комисија за хартии од вредност, пред која сведочел Богоевски. Адвокатката рече дека е обврзана да го чува во тајност она што го дознала при сведочењето на Богоевски, повикувајќи се на кодексот за професионална етика на адвокатите.

Во август преклани, СЕК го отвори за јавноста исказот на Богоевски даден во рамки на постапката која се води против тројцата поранешни менаџери на „Маѓар Телеком“, Елек Штрауб, Андраш Балог и Тамаш Марваи пред судот во Њујорк. Според објавеното, Богоевски тврди дека двајцата високи функционери на ДУИ примиле мито од „Маѓар Телеком“ од по 2,5 милиони евра.

Како отштета во овој процес Ахмети од Богоевски бара 3 милиони денари, а Џафери 2,5 милиони денари.

Американската федерална комисија за хартии од вредност во октомври лани испрати писмо до екс разузнавачот Слободан Богоевски во кое се посочува дека не смее да биде заплашуван и тужен за сведочењата пред американските федерални судски органи.

– Во Соединетите американски држави, сведок што се повикува да сведочи во судска постапка не се става во опасност од парница за клевета. Американскиот правен систем признава дека едно независно судство не може да функционира ако сведоците можат да бидат заплашувани поради тоа што дале изјава. Во овој случај, не постои сомнеж дека Вашата изјава беше дадена во судска постапка и заслужува соодветна заштита – стои во писмото од американската Комисија за хартии од вредност./НМ