Премиерот Зоран Заев денеска се сретна со амбасадорот на Република Полска во Македонија Јацек Мултановски.

Полскиот амбасадор Мултановски, како што соопшти владината прес-служба, му го честитал на Заев преземањето на должноста претседател на Владата и оценил дека постои позитивна промена на расположението во Македонија во насока на отворени можности што ги препознаваат граѓаните, а и меѓународната заедница.
– Нашата цел е пробив во евро-атлантските перспективи затоа што иднината на граѓаните и на Македонија е во Европската унија и во НАТО. Голем реформски процес е пред нас, но со Планот 3 – 6 – 9 започнуваме акција за да ги спроведеме неопходните реформи и да ги отвориме перспективите за луѓето и за државата, истакнал премиерот Заев.
На состанокот, како што се наведува, е изразена поддршка на инклузивните политики што овозможуваат вклучување на сите во неопходните демократски промени, како и за политиките на добрососедство кон што е определена новата Влада.
Амбасдорот Мултановски потенцирал дека Полска ја поддржува Македонија во евро-атлантските аспирации.
На средбата, како што се наведува во соопштението, било констатирано дека се создадени услови за продлабочување на соработката меѓу Република Македонија и Република Полска на полето на културата, економијата, трговијата. Се разговарало и за можноста за помош од Полска која има искуства во програми кои се однесуваат на употреба на средства од европските фондови во функција на потреби на граѓаните.