Османи-Рот: Ќе се надомести изгубеното време за евроинтеграциите

од desk2
111 прегледи

Оптимисти дека процесот на европска интеграција на земјата е откочен и дека со посветеност ќе се надомести изгубеното време, за да продолжи земјата непречено да ги спроведува реформите за интеграција во ЕУ се вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи, и државниот секретар за европски прашања во Министерството за надворешни работи на Германија, Михаел Рот, кои се сретнаа во Скопје.

„Германија е силен поддржувач на политиката за проширување на ЕУ и зачленувањето на земјите од Западен Балкан, што го покажа со иницирањето на Берлинскиот процес, посветен на поврзаност, добрососедски односи, регионална соработка и европска интеграција. Тоа се потврди на последователните самити во Виена и Париз, и ќе продолжи со самитот во Трст оваа недела“, истакнал Османи.

Тој изразил очекување дека на самитот во Трст ќе се зајакне перспективата на Западен Балкан преку поддршката на агендата за поврзување и поддршката на инфраструктурните и проектите за енергетика, во чии рамки очекува и одобрување на нашиот инфраструктурен проект за Коридорот 8.

Вицепремиерот Османи на средбата го запознал Рот и со Планот 3-6-9 во кој се содржани Итните реформски приоритети на Владата кои ќе бидат спроведени во претстојниот период.

Османи посочил дека спроведувањето на реформите и регионалната соработка за интеграција во ЕУ се двете паралелни траектории по кои се движи работата на новата Влада, и дека враќањето на патот кон ЕУ е неопходно, бидејќи евроатлантските интеграции на земјата остануваат стратешки приоритет на Владата.
Претходно и министерот за надворешни работи Никола Димитров на средба се сретна с со државниот секретар за европски прашања во министерството за надворешни работи на Германија, Михаел Рот, кој од вчера е во посета на Македонија.

Пред посетата преку соопштение од германското МНР посочија дека крајно време беше Македонија да ги надмине блокадите. Одговорните политичарите ја однесоа земјата во многу тешка ситуација.