Германското министерство за надворешни работи потврди дека двете убиени жени во египетското летувалиште Хургада се Германки. Убиецот, наводно 27-годишен студент, е притворен, а мотивите не се познати.

Портпарол на германското Министерство за надворешни работи утрово во Берлин потврди дека во египетското летувалиште Хургада се убиени две германски туристки. Министерството смета дека станува збор за смислен напад врз туристи: „Според она што досега ни е познато, нападот бил насочен кон странски туристи, ова е посебно подмолен и злосторнички акт, кој длабоко нѐ погоди и нѐ револтира.“

Поранешниот германски почесен конзул во Хургада, Петер-Јирген Ели за агенцијата ДПА изјави дека ги познавал двете жени, тие биле постојано населени во летувалиштето.
Во прв момент имаше нејаснотии и околу потеклото на жртвите, агипетските медиуми пишуваа за убиство на две Украинки. Во нападот се повредени уште четири лица, чиј идентитет не е потврден.
Според информациите од египетското Министерство за надворешни работи, напаѓачот допливал од јавната до хотелската плажа и потоа со нож нападнал повеќемина туристи. Египетската новинска агенција го цитира директорот на хотелот „Ел Паласио“, според кого атентаторот прво нападнал луѓе во соседната хотелска плажа, а потоа допливал до онаа на „Ел Паласио“, каде бил совладан од обезбедувањето и гостите.

Полицијата го има блокирано местото на нападот, а не се соопштуваат детали за притворениот напаѓач. Медиумите тврдат дека тој е 27-годишен студент, кој досега не бил осудуван. Додека локалните службеници ја претпочитаат варијантата дека станува збор за психички лабилен човек, германскиот поранешен почесен конзул Петер-Јирген Ели повеќе верува во дело со терористичка заднина. Египетската Државна служба за информации, СИС, во издаденото соопштение истакнува дека сѐ укажува на индивидуален напад, при кој атентаторот не дејствувал по налог на некоја организација.
Египет инаку има сериозни проблеми со екстремисти. Од декември досега во повеќе самоубиствени напади и атентати врз христијанското население во земјата се убиени преку 100 лица. Најтешкиот напад насочен против туристи во Египет беше бомбашкиот атентат врз руски патнички авион есента во 2015 година, кратко по полетувањето од Шарм ел Шеик, кога загинаа сите 224 патници. Одговорноста најчесто ја презема крило на терористичката милиција Исламска држава.