Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања Кочо Анѓушев денеска се сретна со амбасадорот на Обединетото Кралство Чарлс Е. Герет. 
На средбата, како што соопштија од неговиот кабинет, станало збор за економската соработка помеѓу Република Македонија и Обединетото Кралство, при што соговорниците заклучиле дека соработката е навистина на солидно ниво, но и дека постои можност економските односи уште повеќе да се развијат, особено во делот на извозот од Република Македонија.
Вицепремиерот Анѓушев се заблагодарил за поддршката од страна на Обединетото Кралство во однос на реформските процеси кои Владата ќе ги спроведе во насока на евро интеграцијата на земјата и економскиот развој за подобар живот на македонските граѓани.
– Обединетото Кралство е значаен економски партнер на Република Македонија, втора земја по обем на трговската размена. Сметам дека досегашната меѓусебна економска соработка е добра база која може да ја надоградиме, особено во намалување на трговскиот дефицит и зголемување на извозот кон Обединетото Кралство. Со економските политики кои Владата ќе ги спроведe во наредниот период ќе се насочиме да ги развиваме македонските компании да произведуваат производи со повисока додадена вредност, да станат поконкурентни на регионалните и на европскиот пазар и да го зголемат извозот, со што ќе допринесеме и за отворање нови работни места и побрз раст на нашата земја, истакнал вицепремиерот Анѓушев.
Амбасадорот Герет се осврнал на активностите од Берлинскиот процес, односно на Самитот за Западен Балкан кој се одржал во Трст, но и на активностите кои следуваат наредната година.
– На Самитот во Трст, Република Македонија имаше навистина успешно претставување. Наредниот Самит за Западен Балкан ќе се одржи во Обединетото Кралствo и се надевам дека планираните реформски процеси во земјата ќе бидат реализирани, а Република Македонија ќе добие уште поголема поддршка, истакнал Амбасадорот.