Германскиот министер за надворешни работи Зигмар Габриел на вонредна прес-конференција најави мерки против Турција поради апсењето германски државјани што Анкара ги обвинува за наводна соработка со терористи, како и пресврт во односите меѓу Германија и Турција.

„По целосно произволните апсења на германски активисти на организации за заштита на човековите права со неуверливи обвиненија за соработка со терористи, на германската влада не ѝ преостанува ништо друго освен да донесе три мерки со кои на Анкара ќе ѝ покаже дека вака повеќе не може. Пред нас е преиспитување на односите со Турција“, кажа министерот за надворешни работи Зигмар Габриел (од Социјалдемократската партија на Германија СПД) на конференцијата за медиуми.
Така германската влада во иднина повеќе нема да дава гаранции за инвестициски кредити за Турција, најави Габриел, а заедно со европските партнери ќе се преиспита и претпристапната помош на ЕУ на Турција.
Третата и најважна мерка, која најмногу ќе ја погоди Турција како туристичка земја, е безбедносното предупредување на министерството за надворешни работи до граѓаните на Германија кои планираат да отпатуваат во Турција.
„Имајќи ги предвид зачестените случаи на произволни апсења на германските државјани во Турција ние не можеме да реагираме поинаку освен да издадеме безбедносно предупредување до германските граѓани кои планираат да отпатуваат во Турција“, кажа Габриел.
Германија за Турција е еден од најважните туристички пазари, а со оглед на тоа што предупредувањата на министерствата за надворешни работи по правило драстично ги намалуваат патувањата во земјите за кои е издадено предупредувањето, се очекува оваа мерка значително да го погоди турскиот туризам.
„Нам по последните настани не ни остана ништо друго“, кажа Габриел, кој истакна дека за претставените мерки претходно се договорил со канцеларката Ангела Меркел и социјалдемократскиот кандидат за канцелар Мартин Шулц, а во „постојан контакт“ и со партнерите од ЕУ.
„Ние секогаш одново се обидувавме надевајќи се дека на другата страна ќе победи разумот, но сега капката ја прелеа чашата“, кажа Габриел, кој го прекина годишниот одмор поради кризата со Турција.
По германско-турскиот новинар Дениз Јуцел, кој веќе со месеци е во притвор во Турција, пред неколку дена беше уапсен и еден германски ИТ експерт кој во Турција, во организација на Амнести интернешнел, одржал предавање за информатичка технологија и поради тоа беше уапсен под обвинување дека „го помагал тероризмот“.
Габриел истовремено истакна дека сѐ уште постои надеж дека односот на Анкара ќе се смени.
Односите меѓу Германија и Турција нагло се влошија по минатогодишната резолуција на Бундестагот во која колежот на турската војска над Ерменците во Првата светска војна е прогласен за геноцид. Дополнителна тензија предизвикаа и германските забрани за настапи на турските политичари во Германија, како и апсењата на германските државјани во Турција под обвинувања дека го помагаат тероризмот.