Вдомување, образование и вработување се дел од предиведите мерки напишани предлог-нацртoт на Стратегијата за интеграција на бегалци и странци 2017-2027 година на Министерството за труд и социјална политика (МТСП).

Во образложението за оваа стратегија пишува дека досега „најмалку позитивни резултати се забележани на полето на постапките за стекнување државјанство, каде бегалци и лица под супсидијарна заштита продолжуваат да уживаат меѓународна заштита дури и по 18 години непрекинат престој во Македонија“.
Целните групи на оваа стратегија се лицата кои, во согласност со Законот за азил и привремена заштита, имаат статус на припадност кон која било од следниве групи: лица со признаен статус на бегалец; лица под супсидијарна заштита; баратели на азил, како корисници на мерки за рана интеграција и странци со регулиран престој во Република Македонија (со претходно одобрение од страна на надлежни органи).
МТСП пишува дека сеопфатната политика за интеграција мора да биде формулирана на начин да дејствува на влезната точка, на самиот почеток од постапката за азил, без одлагање и без губење драгоцено време, кое може да биде подобро инвестирано во подготовката за интеграцијата, како посетување настава по македонски јазик или подготвителна настава за запишување во редовно училиште.
„Една почетна фаза за изработка на индивидуални планови за интеграција мора да се изврши веќе во прифатниот центар за азил, каде треба да се спроведат раните мерки за интеграција… Локална интеграција е едно од трите можни „трајни решенија“ за бегалците. Другите трајни решенија се доброволното враќање во земјата на потекло и преселбата во трета земја. Локалната интеграција е важна за луѓето што не можат да се вратат во земјата на потекло во догледна иднина. Таа се заснова на претпоставката дека бегалците ќе останат во земјата на азил и ќе изнајдат трајно решение за нивната ситуација во таа држава. Тоа е начин да им се овозможи на бегалците да ги обноват своите животи, нивниот престој да стане самоодржлив и да создадат нов живот како членови што ќе придонесуваат во општеството на земјата домаќин“, пишува во стратегијата.
Според овој документ, со ова се предвидува трајно вдомување на мигранти и прием во државјанство во Република Македонија во период од 2017 до 2027 година.
Министерството има и Национален акциски план за период од 10 години кој треба да се донесе до 8 август.
Овој документ сега ќе го разгледува и меѓу-ресорското тело на Владата на Република Македонија.
Без проверки до државјанство
Во Стратегијата предвидени се и мерки за добивање на државјанство. Се препорачува „подобрен пристап за стекнување државјанство на лица под супсидијарна заштита и признат статус на бегалец. Да се отстранат правните пречки кои го одложуваат семејното обединување за поддршка на процесот на интеграција.
Да се поврзат мерките за интеграција со индивидуалните барања за државјанство (одржливи решенија за домување, вработување, учење на македонскиот јазик…).
Да се отстранат барањата за доставување на лични документи од земјата на потекло.
Промени во регулативата заради отстранување на барањата за лични документи од земјата на потекло“.