На 21 месецов во издание на „Македоника“ беше објавена новата збирка поезија од Игор Поп Трајков „Печатот на вистината“. Овој издавач е специјализиран за електронско издавање на македонски автори и дела на македонски јазик. Ширум светот има десетици илјади корисници при што зачленувањето на овој линк www.makedonika.mk е бесплатно.
Овој автор до сега има напишано 30 драми (вклучувајќи ги и едночинките), околу 1000 страни поезија, неброена есеистика, теорија, филозофија и се има испробано во сите области на публицистиката; особено впечатливи му се интервјуата со познатите интелектуалци, уметници и писатели измеѓу кои и оние со Харолд Пинтер, моменталниот претседател на европската филмска академија Кшиштоф Зануси (2 пати), Тери Џоунс и многу други. Наскоро ќе го заврши својот прв роман.
Пишува и на други јазици- влезе во строгата селекција на најреномираниот италијански натпревар за поезија „Вијаџи ди верси“, а поемата со која учествуваше „Девојче слободно инспирирано од цртан филм“ му беше објавена од познатиот издател „Фелтринели“ во рамки на проектот „Ил Мио Либро“(„Мојата книга“).
Игор Поп Трајков е и голем и отворен борец против диктатурите и кршењето на човековите права. На оваа релација му е и новата збирка поезија „Печатот на вистината“ каде како што се вели во предговорот: „Намерната двосмисленост на насловот на оваа збирка укажува дека станува збор за поезија која е инспирирана од хипокризијата на современата цивилизација. Значи не знаеме дали на вистината ѝ е удрен некаков печат или вистината одбележува со својот печат. Но она што е сосема недвосмилено е дека нужноста од вистината се појавува секогаш кога цивилизацијата има потреба од прогрес. Ова е произнесено со нежни тонови или силни крешенда бидејќи поезијата со својата вистинитост е многу поблиску до музиката отколку до литературата.“ И во овој случај Игор Поп Трајков ни го претставува својот автентичен интелектуален, но брзо читлив поетски стил базиран на збиеноста, музикалноста и неочекуваноста на стиховните композиции.