Пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ: Владата дозволи два месеци дивата депонија во Струга да ги гуши стружани

од desk2
112 прегледи

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, денеска обвини дека новата Влада дозволила дивата депонија во Струга два месеци да ги гуши граѓаните.

Според нив, несериозно и неодговорно е Владата по повеќе од два месеци, откако секојдневно граѓаните на Струга се гушеа од запалената дива депонија, да донесе одлука за итно решавање на овој сериозен проблем.

– Владата на Република Македонија дозволи два месеци дивата депонија во Струга да ги гуши стружани, да нанесе огромна штета врз здравјето на граѓаните, врз животната средина и да ја уништи туристичката сезона во овој регион, а сега после сите штети кои настанаа најавува итно решавање на проблемот, истакнуваат од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

Оттаму наведуваат дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За подобра Македонија“ уште на 15.06.2017 поднеле Информација за состојбата со дивата депонија во Струга и побарале итна седница на која требало да се дискутура за овој акутен проблем и конечно да се реши.

– Ваквата седница не беше закажана, а со тоа не ни се дозволи како претставници на граѓаните да придонесеме за побрзо и итно решавање на проблемот со дивата депонија во Струга. Доколку се одржеше оваа седница, се дебатираше за овој проблем и се донесоа конкретни заклучоци, проблем ќе беше решен многу порано, појаснуваат од пратеничката група.