Американскиот претседател Доналд Трамп го потпиша денеска законот, со кој се воведуваат нови санкции против Русија, Иран и Северна Кореја, соопшти Белата куќа.
Двата дома на Конгресот минатата недела со големо мнозинство ги одобрија санкциите против руската Влада поради мешањето во претседателските избори во САД во 2016 година, анектирањето на укранската област Крим и други нарушувања на меѓународните норми.
Претседателот изјави дека потпишаниот закон има „значителни недостатоци“ и го повика Конресот да не ги користи тие казнени мерки, со цел да им се даде шанса на обидите на САД и нивните европски сојузници да пронајдат решение за кризата во Украина.
– И покрај тоа што сум приврзаник на строги мерки за казнување и стопирање на агресивното и дестабилизирачко однесување на Иран, Северна Кореја и Русија, ова законско решение има големи недостатоци, се вели во изјавата на Трамп.
Според него брзјаќи да го протурка неговото донесување Конгресот во него вклучил противуставни клаузули.
Трамп, кој јасно даде на знаење дека сака да ги подобри односите на САД со Русија, сепак ги прифати новите санкции на Конгресот, кои ги опфаќаат и Иран и Северна Кореја.
Државниот секретар Рекс Тилерсон изјави денеска дека според него и Трамп новите санкции едвај ќе бидат од корист „за нашите напори за дипломатско решение со Русија“.
Со стапувањето на законот во сила на претседателот му се одзема можноста да ги ублажува или укинува санкциите против Русија без согласност на Конгресот.