Седум судии се во трка за првата позиција на Основниот суд Скопје 1, Скопје. На завршениот оглас кандидатури доставиле судиите: Иван Џолев, Ѓоко Ристов, Оља Ристова, Верка Петковска, Осман Шабани, Ивица Стефановски и Владимир Панчевски.

Според распоредите за работа, Стефановски, Петковска и Панчевски судат организиран криминал, Ѓоко Ристов од организиран беше тргнат на предмети по стар ЗКП, па сега суди и едно и друго, Оља Ристова суди малолетници, Иван Џолев е на прекршоци, а Осман Шабани од прекршоци е префрлен на кривично. Претходно работеше на истрага.
Ова е повторен оглас, откако со месеци Судскиот совет не избра меѓу кандидатите Иван Џолев и Владимир Панчевски, па го поништи огласот, а судот, неколку месеци како в.д. го води Стојанче Рибарев, судија на Врховниот суд.
Како што стојат работите, за првата позиција во кривичниот суд можат да се надеваат Иван Џолев и Ѓоко Ристов, додека другите ќе бидат само декор на огласот. Ристов му беше против кандидат на Панчевски и на минатиот избор.
Владимир Панчевски одамна е излезен од игра, а во игра тешко дека ќе влезе и неговиот долгогодишен заменик Ивица Стефановски, кој по принципот „Јово ми е врската“ се надева дека како што беше избран за судија, би можел да дојде и на челната позиција на судот.
Сестрата на Ивица Стефановски беше партнер во адвокатската канцеларија на Јово Вангеловски, пред тој да стане претседател на Врховниот суд, па во тој мандат, младиот Стефановски, со стаж од само 6 месеци како Државен правобранител во Велес, беше избран за судија во Кривичен и распореден да суди организиран криминал. „Монструм“, „Јован Вранишковски“ се само дел од предметите кои ги судел.
Гледано по години, најстар кандидат е Верка Петковска која сега го суди случајот „Диво Насеље“, но речиси нема никакви шанси за позицијата. Во Апелациониот суд работела на стопанска материја и стечај, а беше избрана во Кривичен, што веднаш се забележуваше во работата.
Според поделбата „единица“ за Македонците, а “двојка’ за Албанците, јасно е дека претседтел ќе биде Македонец, па од тука и кандидатурата на младиот Осман Шабани не би наишла на поддршка. Шабани е внук на членот на Судскиот совет Бекир Шаини. Работеше на истрага, по што Владимир Панчевски го префрли на прекршоци, а со последниот распоред е вратен да суди кривични предмети.
Оља Ристова судеше кривично, а сега суди малолетници.
На позицијата прв човек на единица се надевал и Ѓоко Ристов, кој ги судеше предметите (како прв или втор судија со Дијана Груевска и Владимир Панчевски) за Шпион, Ликвидација, Метастаза, Пепел и други). По неготинска линија се надева на поддршка кај власта, независно од блискоста со една поранешна претседтелка на скопска апелација.
Иван Џолев е вториот судија со поголеми шанси, кој се спротивстави на владеењето на Владимир Панчевски и му поднесуваше пријави, на што заработи и контра пријави.
Владимир Панчевски пак, со серија кривични пријави зад себе конкурирал и за единица и за апелација. Неговите шанси се еднакви на нула за добивање повторно на челната позиција, иако сега има моќна позиција раководејќи го одделот за организиран криминал, каде што се работат сите предмети иницирани од СЈО.
Судскиот совет треба во рок од 2 месеци од распишување на огласот да направи избор. Тоа би можело да се случи на крајот на септември.
Извор: Сведок