СДСМ: Наскоро закон за решавање на статусот на 3.000 стечајци

од Vladimir Zorba
85 прегледи

– СДСМ денеска соопшти дека се отстранети сите пречки и оти наскоро ќе биде донесен закон за материјално обезбедување на невработени лица поради приватизација на претпријатија со доминантна сопственост на државата, во јавноста познат како „закон за стечајци“. Тоа, потенцира партијата, е уште една клучна мерка од предизборната програма на СДСМ и од Програмата на новата Влада.

Според СДСМ, со законското решение ќе бидат опфатени околу 3.000 стечајни работници кои ќе добиваат месечен надомест од 7.596 денари за што се обезбедени пари преку ребалансот на Буџетот на Република Македонија за 2017 година.

– Со оваа мерка ќе се реши проблемот со статусот на стечајните работници и ќе се исправи долгогодишната неправда кон оваа категорија граѓани, кои не по своја вина останале без работа и долго време се без никакви приходи, се наведува во соопштението.

И покрај сите обиди за блокади, деструкции и тензии од страна на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, стои во соопштението, Владата предводена од СДСМ продолжува да ги остварува дадените ветувања и да ги спроведува реформите што носат повисок животен стандард, нови работни места, независни институции и правда за сите.