
Дојче веле – Бон
На спасителите на Средоземјето им се закануваат со оружје кога се обидуваат да им помогнат на бегалците, оваа вест на Меѓународниот ден на хуманитарната помош е поразителна, смета Волкер Вестербаркеј од организацијата „Лекари без граници”.
Повеќе од две и пол години тимовите на „Лекари без граници” се активни со спасителни бродови на Средоземното море. Повеќе од една година и во бегалските кампови во Либија, во кои бегалците живеат во нечовечки услови. Нашите тимови значи реагираат на две драматични хуманитарни состојби: илјадници бегалци и мигранти во Либија се изложени на екстремно насилство и големи опасности, а на Средоземното море само оваа година се удавија над 2.400 лица. Но, наместо да остане верна на своите принципи и да се грижи за заштитата на луѓето на надворешните граници на Европа, Европската унија се оградува и се повеќе и повеќе ги спречува организациите како „Лекари без граници” во пружање на хуманитарна помош. Тоа се поразителни податоци на Меѓународниот ден на хуманитарната помош.
Владата во Либија на 11 август најави воспоставување на свои сласувачки зони и во широкиот појас на меѓународните води, пред брегот на Либија, забранија пристап на бродови на хуманитарните организации. Либиската крајбрежна стража, која ЕУ многу ја помага, на спасителите од хуманитарните организации им се заканува и со оружје и не им дозволува пристап на новата воспоставена спасителна зона. Тоа е страшно.
Загрозени спасители
Расположението кон цивилните спасителни акции е се повеќе непријателско. Италија и Европската унија претставија кодекс на однесување за невладините организации, кој делумно го оневозможува спасувањето на море. Италија дури прати и воени бродови во либиските води. Целта е следната. ЕУ и нејзините членки со своите либиски партнери работат на тоа да го спречат бегството на луѓето од Либија. Тоа е недозволив напад на животот и достоинството на луѓето на кои итно им треба заштита.
Ако либиските служби и крајбрежната стража го спроведат тоа што го најавуваат, тогаш „Лекари без граници” и други организации повеќе нема да можат да пружаат спасителна помош која одговара на меѓународно признатите хуманитарни принципи и меѓународните договори за заштита на бегалците и пружање помош на море. Забрането е луѓето да се враќаат во региони кои не се безбедни. „Лекари без граници” одбиваат да влезат во систем со кој луѓето по секоја цена сакаат да ги спречат да побараат заштита и безбедност.
Таквата политика има катастрофални последици по луѓето кои бегаат од прогонства и екстремното насилство во Либија. Ако бродовите на хуманитарните организации се повеќе се потиснуваат од Средоземното Море, се помалку луѓе ќе бидат спасени од смрт. Тие кои нема да се удават, тие се апсат и се праќаат назад во Либија, во земја на беззаконие, каде се изложени на мачење и сексуално насилство.
Оградувањето има предност пред заштитата
Билансот на политиката на ЕУ на Меѓународниот ден на хуманитарната помош во 2017 година е поразителен. Во изјавите се истакнуваат хуманитарните принципи, но во стварноста гледаме дека заштитата на бегалците е често подредена на политика на оградување од Европа.
Веќе со договорот ЕУ-Турција, европските шефови на влади со германската канцеларка Ангела Меркел на чело, создадоа модел за заштита на Европа. Последица од тоа беше домино ефектот со затворањето на границите, кој доведе до тоа луѓето повеќе да не можат да се засолнат од воените подрачја, како што е случајот во Сирија. Стотици и илјадници луѓе се уште не се во можност да ги напуштат регионите и провизорните кампови во кои владејат нечовечки услови. Страдањата на луѓето не се намалени, само станаа подалечни од европските граници, далеку од камерите на светската јавност.
Преку нашите проекти со бегалците и протераните во повеќе од 40 земји во светот, заклучуваме дека итно се потребни безбедни и легални патишта за луѓето кои бегаат од војната. ЕУ во тоа воопшто не помага. Тоа е доказ за слабоста на континентот кој од сопствено искуство ги познава страдањата на луѓето кои се принудени да ги напуштат своите домови.