На владината седница засега не е ставена на дневен ред точката со која треба да му препорача на Собранието да ја почне процедурата за избор на нов јавен обвинител, односно да распише оглас.

Советот за јавни обвинители в четврток на седница ќе го разгледува прашањето кој ќе биде вршител на должноста државен јавен обвинител, потврди претседателот на Советот, Петар Аневски. Тој вели дека за таа функција ќе изберат човек кој доаѓа од редовите на обвинители од Републичкото јавно обвинителство. Во меѓувреме, Јавното обвинителство си работи без прекин по тековните предмети, велат оттаму. До изборот на вршител на должноста, на столчето на досегашниот државен обвинител Марко Зврлевски седна неговата заменичка, Лилјана Спасовска, која го менува државниот обвинител во случај на спреченост или отсуство. Тоа значи дека таа има целосни ингеренции за спроведување на работни задачи до изборот на вршител на должност.
Владата најави дека ќе ја почне процедурата за избор на нов државен јавен обвинител на денешната седница, но на дневниот ред, според објавата на интернет страната на Владата, засега не се најде точката со која треба Владата да испрати препорака до Собранието за распишување на оглас за наследник на Зврлевски.
По објавувањето на огласот во Службен весник и најмалку два дневни весника, почнува да тече рокот од 15 дена за пријавување на кандидатите. Потоа Советот има уште 15 дена рок за разгледување на биографиите на кандидатите и нивна оценка.
Со оглед дека временската рамка од оваа постапка се поклопува со кампањата за локалните избори, се очекува конечната одлука од Владата да пристигне во Собранието по одржувањето на изборите.
Но, тоа нема да значи и веднаш избор на нов државен обвинител затоа што и натаму стои деловничката можност на пратениците од опозицијата да ја одолговлекуваат постапката за избор на наследник на Зврлевски.
Според законот за избор на државен јавен обвинител, пратениците со просто мнозинство ќе треба да изгласаат кој ќе седне на столчето на Зврлевски откако ќе заврши целокупната процедура, односно откако Владата ќе го достави до Собрание предлог кандидатот кој претходно бил одобрен од Советот на јавни обвинители.