Стејт департментот потврди дека најмалку 16 службеници на американската амбасада во Куба почувствувале последици од ткн. „звучен напад“.

„Можеме да потврдиме дека најмалку 16 службеници на американската влада, членови на нашата амбасада, имаат некакви симптоми“, вели портпаролката на Стејт департментот Хедер Ноерт.
Такви инциденти повеќе не се случуваат, но САД не ја лоцирале направата која предизвикала симптоми кај вработените ниту идентификувале одговорни за инцидентот.
Кон крајот на минатата година персоналот на американската амбасада и еден канадски државјанин почнале да чувствуваат последици од нешто што државниот секретар Рекс тилерсон го нарече „напад на здравјето“.
Според американските власти, тие биле изложени на некој вид акустичен напад во инцидент за кој Ноерт вели дека е без преседан.
Детали за повредите не се објавени, но CBS News наведува дека најмалку едно лице има оштетување на мозокот.
„Многу сериозно ја сфативме ситуацијата“, вели Ноерт.
Некои од 16 –те службеници се уште се на Куба, а некои се вратиле во САД, вели таа и додава дека кубанските власти соработуваат со нив на истрагата.