Обвинителството за организиран криминал кое ја води истрагата за „Крвавиот четврток“ од 27 – ми април ќе ја прошири истрагата во насока на утврдување дали и српскиот разузнавач, Горан Живаљевиќ и советникот за безбедност на претседателот Синиша Алексовски биле дел од организацијата на крвавиот четврток во Собранието.

Како што потврдува обвинителката Вилма Русковска за Телевизија 24, која е дел од тимот на обвинители кои ја води истрагата, обвинителството ќе проверува дали Живаљевиќ е поврзан со организирањето на настаните во Собранието. Додава дека ова се првични индиции кои може и да се потврдат но може и да не се докажат.
„Самото присуство на Живаљевиќ во Собранието е дипломатски скандал, но и кривично дело учество во толпа“, вели Русковска.
Живаљевиќ во изјава за „Танјуг“ своето присуство на крвавиот четврток рече дека било со одобрение од советникот за Безбедност на претседателот Ѓорге Иванов, Синиша Алексовски поради извршување на активности во координација со македонските служби. Од Кабинетот на Иванов пак рекоа дека Алексовски не е надлежен за комуникација со странски дипломатски претставници и дека критичниот ден Живаљевиќ бил во Собранието, но за да ја намали штетата и одговорноста за неговото присуство го известил Алексовски за своите активности подоцна.
Аферата Живаљевиќ и сите негови пораки кои ги упатувал до Алексовски се евидентирани не во една белешка, туку во десетина извештаи.
Станува збор за временски период пред, за и после случувањата во Собранието. Алексовски и денеска за ТВ 24 дообјаснува дека тој постојано добивал пораки од Живаљевиќ, но на многу малку од нив враќал.
Во врска со проширувањето на истрагата од Кабинетот на Иванов го повторуваат веќе дадениот став но додаваат дека:
„Со нетрпение очекуваме одговор од обвинителството за улогата на г. Живаљевиќ во настаните во Собранието. Јавноста треба да знае кој го пратил, што превземал, со кого бил и дали имал одобрение од надлежен државен орган за влез во Собранието на критичниот ден.
Со овој став и претходно кажаното за нас случајот е затворен и ќе го чекаме резултатот од јавното обвинителство“, се наведува во соопштението од Кабинетот на Иванов.
Покрај за Живаљевиќ и Алексовски, истражниот тим на обвинителството се уште прибира докази поврзани со настаните од 27 април. Беше најавено интензивирање на истрагата и повикување на учесниците во настаните, но како што велат од организиран крминал покани се уште не се испратени./24 вести