Ирачката војска денеска објави дека го зазела центарот на градот Тал Афар, каде се наоѓа тврдината од османскиот период, еден од последните упоришта на терористичката организација Исламска држава во ирак.

„Антитерористичките единици ја ослободија Цитаделата во Тал Афар. Подигнаа ирачко знаме на неа“, вели генералот Абделамир Јаралах, шеф на воените операции во Тал Афар.
По овој напредок полицијата и антитерористичките единици објавија дека нивната мисија е исполнета. Јаралах рече дека силите на западниот и на јужниот фронт ја завршија својата мисија во градот.
Се наведува дека борбите продолжуваат во подрачјето на Ал-Ајади, на северот од Тал Афар, каде уште постојат места на отпорот.
Градот минатите недели беше мета на ирачките и коалициските авиони.
Ирачаните денеска зазедоа повеќе населби во Тал Афар.
Тал Афар е град кој пред доаѓањето на Исламската држава имаше 200.000 жители и е клучен за офанзивата против џихадистите во Ирак и во Сирија, затоа што се работи за една од точките на пренос на оружје и нови регрути за самоповиканиот калифат.
По Тал Афар, се очекува Багдад да покрене офанзива за Хавиџа, 300 км северно од Багдад. Исламската држава се уште се држи во западната провинција Анбар, пренесува Слободна Европа.