
Денот на независноста 8 Септември годинава ќе се одвива под мотото „Македонија слободна, слободно живее“, а централното одбележување ќе се одржи пред и во Владата на Република Македонија на 7 септември во попладневните и вечерните часови, соопшти денеска на прес-конференција портпаролот на Владата, Миле Бошњаковски.
– Ги повикуваме сите граѓани на Република Македонија да бидат гости на Владата на Република Македонија. Владата ќе биде отворена за сите – рече Бошњаковски
Активностите по повод на Денот на независноста ќе се одвиваат 6, 7, и 8 септември, а премиерот Зоран Заев обраќање ќе има на централното одбележување.
На 7 септември министрите Горан Сугарески, Роберт Алаѓозовски и заменик министерот Дејан Павлески ќе ја посетат реставрираната спомен куќа на Блаже Конески во село Небрегово.
На 8 Септември на Денот на независноста делегација предводена од премиерот Заев на гробиштата во Бутел ќе положат цвеќе на вечните почивалишта на Киро Глигоров и Борис Трајковски.
Портпаролот Бошњаковски одговарајќи на новинарско прашање за стоте дена Влада кои се поклопуваат со претстојниот празник, рече дека во следниот период Владата ќе ги соопшти резултатите од досегашната работа.