Продолжуваат судските рочишта против поранешниот премиер Никола Груевски, бегалецот Горан Грујeвски, екс разузнавачот Слободан Богоевски, битолскиот градоначалник Владимир Талески, како и актуелниот премиер Зоран Заев, сумира тв24.
Кривичен месецов со полни раце работа – предметите на СЈО кај истите судии. Поранешниот премиер Никола Груевски како првообвинет за шамарите во Центар треба да седне на обвинителна клупа на 28 септември. Случајот го води судијката Татјана Михајлова. На крајот од месецот се очекува да почне и судењето за предметот „Транспортер“, во кој обвинет е битолскиот градоначалник Владимир Талески за злоупотреба на тендери за превоз на ученици. Во однос на постапувањто на Кривичен по предметите на СЈО, дел од експертите не очекуваат напредок се додека случаите се во рацете на истите судии.
„Судот по прашање на СЈО таму нема никакви промени, дури можеби ситуацијата е полоша и полоша, затоа што се измислуваат нови толкувања на законот. Му се дозволи на Грујевски да се даде во бегство, се носеа одлуки каде што притворот не стапуваше на сила веднаш. Се дозволуваа жалби каде што немаше основ. Мислам дека ќе продолжи истата процедура се до реформата во судството“, вели Звонко Давидовиќ – адвокат.
Случајот „Тврдина 2“ во кој се товари поранешниот началник на петтата управа, Горан Груејвски е закажан за 26 септември кај судијката Лидија Петровска. Давидовиќ вели дека тоа што Грујевски е во бегство не треба да го одложи рочиштето, бидејќи обвинителот има право да предложи судење во отсуство.
„Секој пат кога ќе биде достапен на органите ќе мора да ја издржи казната, а неговата одбрана има право на повторување на постапката оти е судено во отсуство“, вели Звонко Давидовиќ – адвокат.
Следната недела во Кривичен треба да се одржат судењата за ексразузнавачот, Слободан Богоевски, за клевета и навреда, како и дел од случајот „Шпион“. На 27 септември е закажано и судењето за поткуп за премиерот Зоран Заев, обвинет во својство на службено лице, како градоначалник на Струмица. Инаку, за новите 17 обвиненија кои ги поднесе обвинителството на Катица Јанева се уште не се закажани првите судења./Тв 24