Заврши конкурсот за избор на идејно решение за повеќенаменска спортска сала „Градски Парк“, кој го распиша Oпштина Центар.
По барање на архитектите, рокот беше продолжен и конкурсот траеше 60 дена. Како што информира Општина центар, пристигнати се 15 трудови, а жирито во состав: професор од Архитектонски факултет, член на Асоцијацијата на архитекти и тројца вработени во Центар, деновиве ќе ги оценуваат трудовите и јавноста ќе биде транспарентно известена.
По ова, Општина Центар ќе организира изложба на наградените. Добитникот на првата награда за избрано наградно решение ќе добие 300.000 денари, второнаграденото дело 180.000 денари, а третонаградениот 120.000 денари.
Комисијата ќе ги цени трудовите според однапред утврдени критериуми: оригиналност, креативност, инвентивност, функционалност, естетика.
Општина Центар ќе гради повеќенаменска спортска сала со капацитет до 3.000 седишта, што, како што истакнуваат, ќе ги задоволи меѓународните стандарди за современо спортување на европско и светско ниво. Ова е трет проект од ваков тип со кој се бираат најдобрите трудови и се мотивираат архитектите. Досега транспарентно, на конкурс, се избрани најдобрите трудови за новото основно училиште во Капиштец и за објектот „Езерце“.