“Руски шпион, просрпски Албанец” – вистината за најбогатиот Албанец

од desk3
189 прегледи

За него се зборуваше како за просрпски Албанец, руски шпион, агент на ЦИА и на турското разузнавање … Навистина, Беџет Пацоли присуствува насекаде, на сите поважни места, без разлика дали станува збор за Москва или Вашингтон. Неговите потези често се непредвидливи, како и овој од последните денови, кога го направи најголемиот пресврт во Косово и го поддржа Рамуш Харадинај како премиер, пишува српски “Блиц”.

Предлогот сепак не можел да се одбие – пет министерства во новата влада, а медиумите пишуваат дека тој ќе биде  идниот министер за надворешни работи на Косово. 

Кој е Беџет Пацоли?

Биографијата му е полна со нелогичности и противречности. Несомнено станува збор за најбогатиот Албанец и еден од најбогатите луѓе во овој дел на Европа. А исто така и најголемиот спонзор на независноста на Косово, кој не бил директно поврзан со воените конфликти во Косово, но пак е поврзуван со финансирањето на Ослободителната војска на Косово.

Самиот Пацоли признава дека бил ангажиран во лобирањето за косовската независност. Иако според медиумите тој им давал пари за тоа на мали островски држави, тој негираше, но изјави дека бил ангажиран како лобист. “Не е тајна дека сум придонел многу за независноста на Косово, околу една третина од државите кои ја признале независноста, се мој придонес. Секако, дека се ангажирани лобисти, а тие не работат за без пари. Но за независноста не е платено” рече Пацоли.

Сепак Пацоли има специјален третман кон Србите, сосема различно од она на мнозинството Албанци – барем така вели пред медиумите. Тој ја повика Србија да го признае независно Косово, но го стори тоа на свој начин.

“Го сакам српскиот народ”

“Кога Србија ќе  ја признае независноста на Косово, уште утредента границите ќе паднат и ќе почнат да се развиваат односите со Белград. Србија е важен фактор. Ние ја почитуваме Србија. Ние го сакаме српскиот народ”, рече Пацоли во 2007 година во интервју за руско издание.

Иако инсистира на признавање на Косово, тој велеше дека Косово не му припаѓа само на Албанците и дека заедничкиот живот со Србите е “судбина”. За војната обвинуваше “неколку луѓе кои го направија сето тоа, во никој случај целиот народ” и постојано велел дека клучот е во рацете на Србија.

Аферата со Елцин и соработката со Американците

Посебен е односот на Пацоли кон Русија. Пред да влезе во политиката во 2006 година, тој беше претседател и генерален директор на Mabetex Group – швајцарска градежна компанија со годишен обрт од една милијарда евра, која го реставрира Кремљ.

Се тврди дека Пацоли бил пријател со Елцин, а во 1999 година тој беше вмешан во аферата со Павел Бородин, тогашен шеф на администрацијата на Елцин. Швајцарските  обвинители подигнаа обвинение против Пацоли за злоупотреби и перење на пари дадени за реставрација на објекти во Кремљ, а Русите формираа кривично дело под сомнение дека администрацијата на рускиот претседател на чело со Бородин зела поткуп од 25 милиони долари. Обвиненијата сепак не беа докажани.

Во медиумите се шпекулираше дека Пацоли е пријател со семејствата на Клинтон и Буш, а руски весник објави за Пацоли како за човек на САД, бидејќи има картбланш за снабдувањето на американската армија во базата “Бондстил” во Косово со стока за широка употреба.

“Доволно е да затропа два пати на вратата на базата на САД и без проблеми го пуштаат”, напиша руското издание “Утро”.

Богатството на Пацоли изнесува 420 милиони евра

Женевското издание “Тампа” соопшти дека личната состојба на Пацоли изнесува 420 милиони евра и тој има швајцарско државјанство. Овој мултимилионер е сопственик на холдингот Mabetex со седиште во Лугано. Пацоли живее од 1976 година во Швајцарија, поседува и луксузна вила во предградие на Приштина.

Со својот приватен авион тој често патува помеѓу Лугано, Приштина и главните градови во Централна Азија, каде што неговиот холдинг има голем пазар. Пацоли добива  нарачки во поранешните советски републики како што се за изградбата на новата престолнина на Казахстан Астана, каде неговата фирма е Строу огромниот претседателски дворец.

“Пацоли е мултимилионер, кој отворено сонува да стане Берлускони на Косово”, оцени изданието “Тампа”.

Беџет Пацоли беше претседател на Косово за една недела во почетокот на 2011 година Тој поднесе оставка, бидејќи косовскиот Уставен суд пресуди дека одлуката на парламентот за неговиот избор е неуставен. Потоа беше вицепремиер во кабинетот на Хашим Тачи.

Пацоли е познат со наговата свадба со италијанската пејачка од албанско потекло Ана Оксана, но нивниот брак траеше само од 1999 година до 2002 година Сега е оженет за Русинката Марија.

Во биографијата на Пацоли пишува дека тој зборува десетина јазици.