Анѓушев не гледа конфликт на интереси со компанијата „Фероинвест“

од desk2
105 прегледи

Вицепремиерот Кочо Анѓушев не гледа конфликт на интереси со компанијата „Фероинвест“, со која повеќе не управува, туку е само сопственик, во однос на набавката на гумени ленти за РЕК Битола.


– Согласно Законот за спречување на корупцијата имам обврска да се повлечам од управувањето на компаниите. Никаде во тој закон нема дека треба да престанам да биде сопственик на компаниите. Јас не управувам со компаниите и како потпретседател на Влада не сакам да имам никаков бенефит од моето работење во Владата, нагласи Анѓушев, одговарајќи на новинарско прашање во врска со учеството на „Фероинвест“ на тендерот за набавка на гумени ленти за РЕК-Битола.
Тој потсети дека досега аукциите за набавка на гумени траки за РЕК Битола двапати се поништувани.

– Тендерот е почнат уште во април и двапати е поништуван. Моите компании во кои сум сопственик, а не управител, ќе се појавуваат секаде каде ќе оценат дека има простор за делување согласно законите и стратегијата на компаниите за нивни развој. Тоа се европски стандарди и стандардите во сите држави во развиениот свет, истакна Анѓушев.

Ги повика медиумите и јавноста да ги следат сите активности на неговите компании и да реагираат секаде кадешто ќе мислат дека има било каков конфликт на интереси.

Медиумите пишуваа дека само 10 дена откако е назначен новиот генерален директор на ЕЛЕМ, Драган Миновски, на својот претпоставен во Владата, вицепремиерот Кочо Анѓушев, му доделил тендер на фирмата „Фероинвест“, која ја основа токму Анѓушев и од која се повлече од местото управител. Вредноста на доделениот тендер изнесува 165 милиони денари со ДДВ или 2.6 милиони евра.