
Во трката за нов општински татко ќе оди лидерот на Алијансата за албанците, Зијадин Села кој повторно ќе ја бара довербата од стружани, а Движењето БЕСА објави дека Асаф Адеми ќе се соочи со министерот Арбен Таравари и актуелниот градоначалник Невзат Бејта во Гостивар.
Од партиите на албанците засега молк за Тетово, каде најверојатно силите ќе ги мерат актуелната градоначалничка од редовите на ДУИ, Теута Арифи и лидерот на БЕСА, Билал Касами. ВМРО-ДПМНЕ за Тетово го кандидираше претседателот на општинскиот комитет, Горан Манојловски, а од СДСМ се уште нема кандидат.
Кандидати за градоначалници партиите немаат објавено и за скопската општина Центар. Неизвесно е дали Од СДСМ ќе го поддржат актуелниот градоначалник Андреј Жерновски кој собра потписи за независна кандидатура, додека пак од ВМРО-ДПМНЕ во игра се советникот Томислав Лазаров и пратеничката Даниела Рангелова.Владејачката СДСМ се уште не го објавува кандидатот за Куманово, од чии редови е и актуелниот градоначалник. ВМРО-ДПМНЕ пак, за оваа општина го кандидира Зоран Ѓорѓиевски. На локалните избори мандат ќе побараат и 27 независни кандидати во 22 општини. Од Државната изборна комисија потсетуваат дека рокот за доставување на кандидати истекува на 14 септември на полноќ, до кога имаат и увид во избирачкиот список, откако вчера тој заврши за граѓаните.
„Во поздрачјето и канцеларијата на ДИК, увид извршија вкупно 21 594 граѓани. Донесени се 65 решенија за запишување во списокот, 22 решенија за бришење и 133 решенија за промени на податоците. На електронската апликација, извршение се 203 191 проверка. Немаме информации од општинските изборни комисии за поднесени листи на кандидати.“ – вели Љупка Гугучевска.
Од ДИК велат дека Избирачкиот список не може да биде 100% точен бидејќи податоците се менуваат секојдневно, но уверуваат дека до 24 септември, кога се заклучува Избирачкиот список, тој ќе биде веродостоен./24 Вести