Медиуми и јавни претпријатија меѓу најголемите должници на УЈП

од desk2
122 прегледи

Долгот на фирмите и поединците кон државата достигна 12 милијарди денари, покажува новата листа на Управата за јавни приходи (УЈП), а меѓу нив предничат јавни претпријатие, но и медиуми.

На последната листа на долгови доспеани до 31.05.2017 и неплатени до 30.08.2017 година по основ на ДДВ, данок на добивка, персонален данок на доход, придонеси од задолжително социјално осигурување, акцизи и царини најголем долг има „Отекс“ Охрид со над 742 милиони денари или над 12 милиони евра.

ЈП „Македонија пат“ и натаму должи над 456 милиони денари или 7,5 милиони евра, а со долг од 431 милион денари е и „Ел Дон Кастило Ангел, Експорт Импорт “ Скопје.

И овојпат на листата се наоѓаат и јавните комунални претпријатија од Тетово и Гостивар.

Националната установа Македоската опера и балет (МОБ) на државата за неплатен данок и должи 2 милиони денари или околу 33.000 евра.

Јавното претпријатие за железничка инфраструктура дел од Македонските железници пак, должи 46,5 милиони денари или 760.000 евра за неплатени даноци

На листата се и неколку телевизии меѓу кои најголем долг има Македонската радио телевизија која што има вкупен долг од 105.197.071 денари или 1,7 милиони евра.

Телевизија Алфа, пак, по основ на неплатени даноци на државата и должи 6.084.940 денари или околу 100.000 евра.

ТВ Нова има долг од 1.172.204 денари или околу 19.000 евра.

Компанијата Медиа принт Македонија (МПМ) која на почетокот на годинава отиде под стечај на државата за неплатени даноци и должи на државата 4.795.282 денари или околу 78.000 евра.